Пандо Кљашев
Пандо Кљашев | ||
Роден | 29 септември 1882 Смрдеш, Костурско, Егејска Македонија | |
---|---|---|
Починал | 31 јули 1907 Дреновени, Костурско, Егејска Македонија |
Пандо Кљашев познат под псевдонимите Пандето или Аристотел[1] (29 септември 1882 - 31 јули 1907) — македонски револуционер, војвода и раководетел на Македонската револуционерна организација.
Рани години
[уреди | уреди извор]Пандо Кљашев е роден на 29 септември 1882 година во револуционерното село Смрдеш, Костурско. Во своето село Кљашев учел до четврто одделение во егзархиско училиште, а потоа образованието го продолжил во Костур, Солун и во Битола, каде во учебната 1899-1900 г. завршил гимназија. Првото запознавање со Организација било во Солун во 1898-1899 г. Во тој период почнал да го гради сопствениот револуционерен идеал. За време на распустот го напуштил Солун и заминал за Битола каде го завршил последниот клас, имал среќа да учи од Даме Груев и Михаил Герџиков, кои тогаш биле учители во Битола. Првото дејствување на терен како агитатор на Организацијата го имал во родното село летото 1900 г. Во тој период веќе биле поставени темелите на МРО во Костурско [2].
Револуционерна дејност
[уреди | уреди извор]Во 1900-1901 г. Кљашев бил поставен за учител во с. Смрдеш, по што почнал активно да учествува во градењето и во ширењето на Организацијата. Во 1900 г. во овој реон била формирана и првата организациона чета на чело со војводата Коте Христов од с. Руља, со кого подоцна Кљашев и останатото костурско раководство биле во постојан конфликт поради неговиот разбојнички карактер и шпионската соработка со грчкиот костурски митрополит Каравангелис.
Зацвртснување на организацијата
[уреди | уреди извор]Co појавата на четата, во која како четник бил вклучен и Митре Влаот, почнал нов период во дејствување на Организацијата. Ги убивале најозлогласените бегови, кои со години го тероризирале локалното македонско население и претставувале своевидна држава во држава во Костурско.
За кратко време биле убиени Касим-ага и Абедин-бег, како и селани-предавници, без разлика на која од двете цркви припаѓале. Овие настани го окуражиле населението кое масовно почнало да се вклучува во Организацијата, но тоа овозможило османлиската власт да дознае дека нешто се подготвува, по што почнале и провалите во Костурско.
Во овие дејства активно бил вклучен Пандо Кљашев. Покрај учителствувањето во родното село, истата учебна година тој ги обиколил речиси сите села во Костурско и на македонското население му ги објаснувал целите и идеите на МРО.
Како што кажал во своите спомени, Организацијата вистински навлегла меѓу населението во 1900 г:
„ | Дотогаш само се регрутираа членови, без да се организираат, со намера еден ден да се искористат. Дотогаш опфатените членови не се знаеја еден со друг. Тајната се чуваше и пред жените. Во секое село каде што имаше повеќе членови (почнаа да) се формираат раководни тела во кои влегуваа по четворица, примени меѓу првите. Четата почна да ги обиколува селата и да држи собранија на кои примените членови се запознаваа меѓу себе. Секој си купуваше пушка од арнаутите [3] | “ |
Во потрага по Коте
[уреди | уреди извор]На почетокот на 1901 г., како резултат на нетрпеливоста и желбата за одмазда на Коте по неуспешниот обид да се убие, тој во Нестрамско (јужниот дел од Костурско), вооружено се пресметал со реонската чета на чело со новиот војвода Атанас Петров. Во судирот немало жртви, но тоа бил тежок удар за раководството во Костурско, по што тоа решило да се елиминираат и двете чети. Петров бил испратен во Битола, a Кљашев да преговара со Коте во неговиог реон (течението на Желевска Река).
По разговорот Коте ветил дека ќе ѝ се покори на Организацијата, но така не мислел и Кљашев, кој се обидувал да ги намамат него и неговата дружина во с. В'мбел и таму да ги ликвидираат.
Планот не му успеал. Летото 1901 г., Кљашев преминал во илегала и ѝ се предал на Организацијата и како дел од реонската чета постојано бил во контакт со населението од Костурско.
Во овој период, по препорака на Окружното раководство од Битола, почнало да се организира канал за снабдување со оружје од Грција на целиот Битолски револуционерен округ [3]. Како резултат на оваа одлука од Бугарија бил испратен и Васил Чакаларов. Организацијата во Костурско првите удари од провалите ги почувствувала пролетта-летото 1901 г. Во период од неколку месеци се случиле две провали, кои негативно влијаеле на нејзиниот натамошен развој.
Афери
[уреди | уреди извор]Во мај прво се случила Нурединовата афера, по која биле затворени поголем број организациони работници. Три месеци подоцна, кон крајот на јули, избила и Иванчовата провала поради предавствата на поранешниот четник Димитар Георгиев-Иванчо, при што биле уапсени околу 100 членови на МРО од Костурско.
Од првиот момент од оваа афера, Кљашев, Чакаларов, Москов, Петров, Митре Влашето и други четници неколкупати се обидувале да постават заседи, со цел да го убијат Иванчо, но не успевале.
На почетокот на август Кљашев и Чакаларов заминале за Битола на консултации со Окружното раководство за новонастаната ситуација во нивниот реон и за каналот за оружје од Грција.
По враќањето продолжиле неуспешните обиди за ликвидација на предавникот, а неможноста да се убие Иванчо и паднатиот морал на населението поради тоа го принудиле Кљашев во септември повторно да оди во Битола [3].
Од тамошното раководство побарал терорист за да завршат со Иванчо. По провалите раководителите се зафатиле со реорганизација, биле казнети неколку предавници, им било наредено на селата да се ослободат од падарите, кои по два месеца морале да ги напуштат селата. Се формирало ново раководно тело на чело со Кљашев, Чакаларов, Лазар Москов, Кузо Стефов и Михаил Николов со рамноправност во одлучувањето.
Делчев во Костурско
[уреди | уреди извор]На почетокот на декември 1901 г. во Костурско пристигнал Гоце Делчев каде останал месец и пол. Првата средба меѓу костурчани и Гоце се случила во с. Кономлади, а Кљашев во спомените за овој настан кажал:
„ | Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата, поголем од него нема". За време на престојот на Делчев, со мали исклучоци, Кљашев го придружувал од село в село. Се свикувале селски собранија, се формирале нови раководни тела во секое село, првпат во овој дел од Македонија се поставило начелото судските работи да се решаваат од раководното тввд, во с. Смрдеш било формирано женско комитетско друштво, а на селаните им бипо забрането да одат во турските судови. Казниле голем број предавници [3]. | “ |
Додека Делчев бил таму, Организацијата се препородила, се заборавило на провалите од летото. Последниот состанок меѓу костурското раководство и Гоце Делчев се одржал кон средината на јануари 1902 г. во с. Загорични, по што било одлучено четата да се подели на два дела, едната да ја води Митре Влашето во Корештата, а за раководители на подреонот биле назначени Москов и Чакаларов, втората под водство на Петров во Пополе, за раководители во тој подреон биле назначени Кљашев и Кузо Стефов.
Според Кљашев, улогата на раководителите била да ги упатуваат четите и да им даваат работа.
Во наредниот период Кљашев продолжил со организаторската работа најчесто наоѓајќи се во селата Загоричани, Апоскеп и Жупаништа, последното особено значајно поради местоположбата во пренесувањето оружје од Грција. Кљашев во с. Шестево имал прв вооружен судир со османлискиот аскер, кој се случило ноќта меѓу 11 и 12 февруари 1902 г., се извлекол неповреден, но биле убиени Кузо Стефов, селската учителка, еден четник и двајца од селската милиција. За време на престојот во Грција, Чакаларов разбрал за врските меѓу Коте и Каравангелис и по враќањето во Костурско тоа го споделил со другите, кои прво биле скептични, а потоа се увериле дека е вистина, како што во спомените кажал Кљашев.
По Битката кај с. Шестово имало ново распределување на раководителите во реонот, Кљашев и Чакаларов се упатиле во Корештата, каде во с. Поздивишта ги убиле соработниците на Каравангелис, поп Илија и Георги Ѓамчето, додека Москов и Митре Влашето заминале за областа Пополе. Друга битка со аскерот, во која учествувал Кљашев, имало на 19 мај истата година во с. Трсје, Леринско. Покрај костурската чета на чело со Чакаларов и Кљашев во овој судир учествувала и четата на леринскиот војвода Марко. Здружените чети имале околу 50 четници и без жртви успеале да се извлечат од селото, но околу 120 селани биле однесени во Лерин, a 90 пушки му биле предадени на аскерот.
На 20 јули Кљашев заминал за Битола за да го консултира Окружното раководство т.е. Атанас Лозанчев, како да се однесуваат костурчани доколку леринската афера, која била во тек, се префрли на нивен терен, a се интересирал и дали е на повидок востанието. По враќањето од Битола, Кљашев се сретнал со Чакаларов и со Москов и им најавил дека востанието се ближи, па решиле дека е најдобро во секое село од подобрите работници да се формираат чети на чело со селски војвода. Оваа одлука прво ја спроведеле во с. Вишени, a такви чети се формирале и во другите села. Голем удар за Организацијата во Костурско претставувало убиството на Лазар Москов на 3 август 1902 г. во судирот со аскерот токму во с. Вишени.
Борба против врховистите
[уреди | уреди извор]Во септември 1902 г, костурското раководство се нашло пред нов предизвик, во нивниот реон од Бугарија дошол полковникот Јанков, родум од с. Загоричани, со чета испратена од Врховниот комитет да крева востание [3].
Тоа требало да биде синхронизирано со т.н. Горноџумајско востание. Најзаслужни што оваа акција имала поинаков тек и со ограничени размери, биле Пандо Кљашев и Васил Чакаларов. Двајцата постојано вршеле контраагитација по селата кои ги посетувал Јанков, им објаснувале на селаните дека ќе има востание, но не кога сака Бугарија и Цончев, туку кога за тоа ќе се подготви македонскиот народ и кога ќе одлучи Организацијата.
Нетрпеливоста постојано растела, Јанков за да го придобие населението зборувал се и сешто, дека откако ќе избиело востанието руските генерали и Цончев ќе ја поведат бугарската војска, Организацијата ја нарекувал со најразлични погрдни имиња, а нејзините раководители коцкари. Чакаларов тоа не можел да го поднесе, ситуацијата кулминирала и бил можен вооружен конфликт.
Кљашев во спомените кажал:
„ | Ти забранувам да збориш или да му ја мислиш. Mомчињата на Чакаларов кога го видоа толку возбуден се повлекоа неколку чекори и легнаа. Јанков се исплаши и викна: 'Убијте ме, господа, убијте ме! Чакаларов одговори: 'Нема да те убиеме, но нема да ти дозволиме да правиш неред и да не туркаш во востание. Слободата ние ќе си ја издвојуваме, не ја сакаме од тебе [3] | “ |
Јанков си заминал, во Костурско оставил раздвижена војска која вршела претреси по судирите со неговите четници, паднал моралот меѓу населението поради раздорот кој го направил, неговата дружба со Коте и стационирањето на војската во неколку села со цел да ги собере пушките и уништи Организацијата.
На овој начин биле блокирани главните пунктови и не било можно движењето на четите. Зимата 1902-1903 г. поради честите претреси на војската и опаднатиот морал на селаните, Кљашев и Чакаларов решиле да се разделат, првиот заминал во Смрдеш и покрај присуството на војската, а Чакаларов во Д’мбени.
Оваа одлука ја донеле поради суровата зима, можните предавства и потребното време за да стивне малку вревета, која изминатата есен ја кренал Јанков. Сепак, пролетта донела крупни промени, во јануари во Солун била донесена одлука за кревање востание, а веста брзо се ширела.
Војската уморна од постојаните претреси и неможноста да открие нешто позначајно поради доброто држење на населението, почнала да се повлекува.
Подготовки за востание
[уреди | уреди извор]Кљашев повторно излегол на терен, со што вербата на населението кон Организацијата се враќала, биле казнети и неколку селани поради нивната предавничка улога. Подготовките за востанието веќе биле во тек, на 16 февруари во с. Апоскеп се собрале раководителите на Костурско за да се консултираат за задачите кои треба да се преземат и да ги испланираат акциите од првиот ден на востанието.
Дека Организацијата навистина се подготвувала за востание населението се уверило со доаѓањето на Борис Сарафов во март, во Костурско. Во април, Сарафов, Кљашев и Чакаларов се упатиле кон Смилево на Конгрес, на кој дефинитивно требало да се одлучи дали и кога ќе се крева востанието.[3] На Конгресот во Смилево, кој се одржал од 2 до 7 мај, од Костурско претставници биле Кљашев и Чакаларов. На првите состаноци во Смилево се воделе жестоки расправи дали одлуката за кревање востание е правилна или не е. Најгласен за кревање на востанието бил Чакаларов, а најголем противник бил Петар Ацев, претставник од прилепскиот реон. Ресенскиот војвода Славејко Арсов во спомените вака го опишал ставот на костурчани за востанието:
„ | Костурчани беа најмногу за востание, тие беа наклонети кон востанието, а Сарафов кој минал таму им извршил уште поголемо влијание. Причината беше во многуте печалбари дојдени од Цариград и од други места, потоа честите битки на четите, вовлекувањето на населението и честите афери кои се случуваа во Костурско. И Јанков, кој мина низ Костурско, со својата агитација ги возбуди духовите за востание. Сè на сè, костурчани беа воинствени иако во однос на храната беа најскромни... [3] | “ |
Конгресот одлучил дека ќе има востание, за тоа големо влијание имал Груев. До почетокот на востанието Кљашев постојно се движел, агитирал и го подготвувал населението за настаните кои следеле. Населението се учело да пука, се изведувале маневри, забрзано се набавувало оружје и се складирало храна, четниците се советувале за начинот на војување итн.
За време на последните подготовки се случиле два настана, кои негативно се одразиле на текот на востанието. Првиот бил палењето на родното село на Кљашев - Смрдеш на 9 мај. Како резултат на нападот биле убиени 85 лица, 50 ранети, изгорени 80 пушки и уништени 12-13.000 патрони. Од 300 куќи само 67 биле неизгорени.
На 31 мај се одиграла познатата битка кај месноста Вињари и Локвата (месност меѓу с. Смрдеш и Д'мбени), опеана од Лазар Поп Трајков. Во битката учествувало цело костурско раководство, вклучувајќи го и Кљашев, околу 50 четници се спротивставиле на 600 души аскер. Битката траела 11 часа, биле убиени 14 комити, меѓу кои и војводата Дичо Андонов од с. Лабаница, Лаки Поповски (леар на бомби од с. Смрдеш) и братот на Чакаларов, додека од османлиска страна загинале околу 220 војници.
Илинденското востание
[уреди | уреди извор]На 2 август 1903 г. било објавено Илинденското востание, на тој ден костурското реонско раководство го добило известувањето за денот на почетокот на востанието [3]. Костурско бил најдобро подготвениот реон, излегле најголем број четници, а населението масовно се одѕвало на повикот за востание испратен до сите села од ова подрачје.
Борбеност и пожртвуваност костурчани покажале и во другите реони од Битолскиот округ, дејствувале во Леринско, Мариовско и делумно во Воденско. За време на востанието Кљашев бил еден од најагилните, како дел од казнената чета во која биле и останатите раководители, постојано го обиколувал реонот, вршел координација со другите подреонски и селски чети, го одржувал моралот на населението на висок степен, но и сурово се однесувал кон непријателите на народното дело.
Како војвода Кљашев учествувал во најголем број од битките, најчесто во првите редови нештедејќи го животот за Македонија и за слобода на својот народ. Бил дел од ослободувањето на Клисура и на Невеска, учествувал во ослободувањето на неколку села во кои биле сместени османлиски гарнизони, држел говори во селата и на населението им ја објаснувал целта на востанието и судбинските моменти за македонскиот народ.
По прегрупирањето и огромното стационирање на османлиската војска (Кљашев во своите спомени наведува бројка од 25.000-30.000 војници, само во Костурско), во востанатите реони, сите се убедиле во размислувањата на Гоце Делчев дека востанието е предвремено.
Тоа на терен го увиделе и костурчани, немоќни да се судрат со толкава војска, биле во постојано маневрирање, војската ги освоила и се стационирала во сите претходно ослободени села од востаниците, голем број од нив и запалила. Поради огромната војска, која го чешлала теренот во Костурско, раководството одлучило четите да се поделат. Чакаларов заминал во Нестрамско и Кастенаријата за да го прошири востанието во тој дел, а воедно да им го привлече вниманието на војската од Корештата и од Пополе. Поп Трајков, Иван Попов и Манол Розов со околу 500 четници прво се упатиле кон Леринско, за потоа кон Воденско и Мариовско каде се воделе тешки борби.
Од раководството само Кљашев останал во Корештата и со сите расположливи сили се обидувал да го заштити населението од зулумите и колку-толку да го одржува востанието во реонот. Ситуацијата станувала неподнослива, Кљашев во своите спомени забележал:
„ | Од 17 септември до 17 октомври, Турците немилосрдно не прогонуваа. Следуваа провали, предавања на пушките, складирање на пушките [3] | “ |
Дејноста по востанието
[уреди | уреди извор]На 17 октомври Кљашев со Чакаларов и уште 20 души ја напуштиле Македонија и заминале за Грција[3]. Двајцата раководители преку Крф и Трст дошле во Белград, a од таму на 6 октомври Кљашев пристигнал во Софија.
Од останатите раководители и попознати војводи во Костурско останал само Митре Влаот, а другите заминале за Софија, а Манол Розов и Лазар Поп Трајков загинале.
Штом стивнала ситуацијата во востанатите реони Кљашев од Софија побрзал да се врати во Костурско. Неизвесноста и совеста го натерале Кљашев да се врати меѓу своите, нему населението му било поважно отколку внатреорганизациските расправии и делби кои настанале по Илинденското востание.
Во пролетта 1904 г. тој се вратил Кљашев во Костурско. Ситуацијата од пред востанието била сосема изменета: разурнати села, иселување на населението, убиствата, грабежите и силувањата оставиле траен белег во меморијата на населението, вербата кон Организацијата кај голем број селани била изгубена, раководните тела по селата уништени итн. Покрај османлиската власт Организацијата добила нов, уште пожесток противник - грчката вооружена пропаганда, која почнала да дејствува во Македонија, а Костурско претставувало трн в око за Грција и за нејзините аспирации кон Македонија.
Последната битка на Кљашев
[уреди | уреди извор]Покрај Кљашев, во Костурско, од старите војводи дејствувале Митре Влаот, Атанас Кршкаков и други помалку познати. Почнала да се обновува организационата мрежа, селската милиција, која многу успешно се спротивставувала на андартските напади и успеала да им нанесе големи загуби.
Сепак, овој дел од Македонија најмногу настрадал од Грците (крвавата свадба во с. Зеленич, ноември 1904 г. и колежот во с. Загорични, 25 март 1905 г, национален празник на Грција). Во 1906 г. Кљашев бил избран за член на Битолскиот окружен комитет. Тој постојано се движел и агитирал низ Костурско.
Смртта го затекнала при една обколка низ костурските села, заедно со 14 соборци херојски, загинал во битка со османлискиот аскер над с. Дреновени на 13 август 1907 година.
Извори
[уреди | уреди извор]- ↑ Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 75
- ↑ Пандо, Кляшев. Освободителната борба в Костурско (спомени), 1925
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Димитар Љоровски Вамваковски „Македонска Цивилизација“