Литорал
Литорал (лат. litus, litoris, крајбрежје) — крајбрежен дел од море, езеро или река. Литоралот е простор кој се протега од цртата на високата вода (плимата или високиот водостој) до цртата на ниската вода (осеката или нискиот водостој). Меѓутоа не постои единствена дефиниција за поимот литорал, така да изразот литорал може да се користи и за подрачја кои можат да бидат оддалечени од делот обележан меѓу плимата и осеката (кај морињата) или меѓу високиот и нискиот водостој (кај реките и езерата). Синоними за зборот литорал се крајбрежје (морско, езерско или речно) литорална зона, или приморска зона.
Општо за литорал
[уреди | уреди извор]Она што се смета за подрачје на кое се протега литоралот и начинот на којшто тој е поделен на подрегиони, варира во различни контексти (езерата и реките имаат свои дефиниции). Употребата на терминот литорал, исто така, варира од еден дел од светот до друг, и помеѓу различни дисциплини. На пример, во воената терминологија изразот литорална зона (крајбрежје) има сосема различно значење од истиот израз кој го употребуваат морските биолози. Литоралот е поделен во повеќе микрорегии, кои зависно од тоа за каква средина станува збор (море, река или езеро) можат да бидат многу различни, па, на пример, литоралот на езерата опфаќа дел и до 30 метри во длабочина, а кај поплитките езера и помалку.
Водата дава посебни одлики на литоралните региони. Ерозивната сила на водата е посебно изразена кај одредени видови на земјиште, како што се песочните дини и естуарите. Движењето на водата по должината на брегот создава т.н. литорални (крајбрежни) наноси. Биолошки, достапноста на водата овозможува голема разновидност на растителниот и животинскиот свет, а особено во подрачјата на екстензивни мочуришта. Покрај тоа, дополнителната локална влажност од испарувањето создава микроклима која поддржува одредени видови на организми.
Воена употреба на терминот литорал
[уреди | уреди извор]Во воената терминологија зборот литорал го дефинира подрачјето од морето кое треба да се надгледува со цел на поддршка на копнените операции, и подрачјето од копното кое се надгледува или брани од море. Големината на подрачјето зависи од повеќе чинители, како, на пример, типот на брегот, видот на вооружување и слично.
Литорална зона во океанографијата и морската биологија
[уреди | уреди извор]Во океанографијата и морската биологија, зоната на литорал е проширена приближно до работ на континенталниот праг. Почнувајќи од крајбрежната линија, литоралната зона е проширена над цртата на плимата, потоа го зафаќа регионот помеѓу високито и ниското ниво на водостојот, и делот надвор сѐ до крајот на континенталниот праг. Овие три подрегиони се нарекуваат, по редослед: супралиторална зона, еулиторална зона и сублиторална зона.
Супралиторал
[уреди | уреди извор]Супралиторал е првата скала на литоралот одејќи од копното кон морето. Овој дел постојано е надвор од водата, а морето го навлажнува само со прскање или со разлевање на брановите. Висината на овој дел варира од изложеноста на крајбрежјето на ветрови, и е половина метар на заштитените делови, до неколку метри во висина на деловите каде ветровите високо ги распрскуваат капките на вода. Овде живеат организми кои се прилагодени на екстремни и променливи животни услови: студ, топлина, копнени грабливци, морски птици и слатка вода од дождови. На врвот од оваа област, како кора на карпите, се среќаваат темни лишаи. Во долниот дел од супралиторалот живеат некои видови морски полжави, Neritidae (мали и средно големи слатководни и морски полжави со жабри) и Isopoda, кои се хранат со детритус.[1]
Медиолиторал
[уреди | уреди извор]Медиолиторал или еулиторал е втората скала на литоралот. Тоа е подрачјето меѓу горната граница на високата плима и долната граница на нормалната осека. За време на плима е потпено во море, а за време на осека е надвор од морската вода, поради што еколошките фактори (температура, влажност, осветленост и др.) во ова подрачје се многу променливи. Удирањето на брановите и турбуленцијата на водата при плимата и осеката обликуваат карпи, пукнатини и пештери, создавајќи огромен спектар на живеалишта за разни седантерни организми.
Сублиторал
[уреди | уреди извор]Сублиторал е назив за морско литорално подрачје кое се наоѓа постојано под вода. Во океанографска смисла, сублиторалот е делот од литоралот на кој значително влијаат морските мени, и каде силата на брановите и морските струи е намалена и се протега до работ на континенталниот праг со длабочина и до 200 метри (епиконтинентален раб).
Во морската биологија, сублиторалот е подрачје од морето каде сѐ уште допира сончевата светлина до неговото дно, и во кој дел живеат најголем број на морски организми. Биолозите, сублиторалот го делат на два дела:
Инфралиторал
[уреди | уреди извор]Инфралиторал е третата скала на литоралот. Се протега од долната граница на осеката до длабочина од 50 метри (може да биде поплиток или подлабок во зависност од продирањето на светлината). Ова е подрачје на фотофилни алги кои живеат на карпести подлоги и морски цветници кои се на подвижни подлоги.
Циркалиторал
[уреди | уреди извор]Циркалиторал е четвртата скала на литоралот. Се протега од долната граница на распространетоста на фотофилните алги и морските цветници, сѐ до длабочината во која живеат сцијафилни алги, а тоа е обично од 120 до 200 метри длабочина. Под 200 метри, светлината која продира не е доволна за фотосинтеза, поради што не е можен раст на алги. Со зголемување на длабочината бројот на растителните видови се намалува, а бројот на животинските видови се зголемува.
Литорална зона кај слатководните екосистеми
[уреди | уреди извор]Кај слатководните системи, литоралната зона се појавува по работ на големите езера и реки, и често се проширува на мочуришните области, кои се нарекуваат уште и рабни мочуришта. Овде ефектите на плимата и осеката се минимални, така да и другите обележја на литоралот се прилагодени. Одделот за природни ресурси во Миннесота го дефинира литоралот како дел од езерото каде длабочината е помала 4,5 метри.[2]
Литоралната зона може да формира потесен или поширок мочуриштен раб, со широки области на водни растенија населени според нивната толеранција на различни длабочини на вода.[3] Вообичаено се разликуваат четири зони, од повисокиот кон понискиот дел од брегот: шумски мочуришта, влажна ливада, мочуриште и водна вегетација. Карактристиките на областите на овие четири зони не зависат само од профилот на крајбрежјето, туку од претходните водостои на езерото или реката.[3] Областа на влажна ливада е особено зависна од минатите нивоа на водата. Општо земено, површината на влажни ливади долж езерата и реките се зголемува со флуктуации на нивото на водата.[4][5] Многу од животните во езерата и реките се зависни од мочуриштата на литоралните зони, бидејќи коренестите растенија се тие кои обезбедуваат живеалиште и храна. Затоа се смета дека голема и продуктивна литорална зона е важна одлика за здрав екосистем на езера или реки.[3]
Литоралот е изложен на посебен ризик од повеќе причини. Крајбрежните човечки населби негативно влијаат на природните живеалишта во разните видови на литорални екосистеми. На пример, многу желки гинат по патиштата откако ќе ја напуштат водата за да ги положат своите јајца на повисоките места, или, пак, на рибите негативно влијаат доковите и потпорни ѕидови кои ги уништуваат мрестилиштата во плитките води. Присуството на човечки населби покажало негативно влијание и врз соседните мочуришта.[6] Сериозен проблем е и тенденцијата да се стабилизираат нивоата на езерата или реките со брани. Браните ги спречуваат пролетните поплави кои носат хранливи материи во литоралните зони и ги намалуваат природните флуктуации на нивото на водата од кои зависат многу важни растенија и животни. Затоа, со текот на времето, браните ја намалуваат површината на мочуриштата од широка литорална зона во тесен појас на вегетација.[3][7]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Marine biology; rocky shore; littoral; supralittoral; eulittoral; sublittoral; underwater cave“. biophysics.sbg.ac.at. Посетено на 2019-05-06.
- ↑ „Fisheries Lake Surveys - Minnesota DNR“. www.dnr.state.mn.us. Посетено на 2019-05-06.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Keddy, P.A (2010). Wetland Ecology: Principles and Conservation (2nd edition). Cambridge, UK.: Cambridge University Press.
- ↑ Wilcox, D.A, Thompson, T.A., Booth, R.K. and Nicholas, J.R. (2007). „Lake-level variability and water availability in the Great Lakes“. USGS Circular 1311: 25 p.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Hughes, F.M.R (2003). The Flooded Forest: Guidance for policy makers and river managers in Europe on the restoration of floodplain forests. Cambridge, UK: FLOBAR2, Department of Geography, University of Cambridge. стр. 96.
- ↑ Findlay, C. Scott; Makkay, Kristina; Keddy, Paul A.; Houlahan, Jeff E. (2006-03-01). „The effects of adjacent land use on wetland species richness and community composition“. Wetlands (англиски). 26 (1): 79–96. doi:10.1672/0277-5212(2006)26[79:TEOALU]2.0.CO;2. ISSN 0277-5212.[мртва врска]
- ↑ Middleton, B. A (2002). Flood Pulsing in Wetlands: Restoring the Natural Hydrological Balance. New York: John Wiley.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Литорално војување: одлики, оперативен концепт и технички барања Архивирано на 18 мај 2010 г., статија
- Екологија, скрипта на студии „Биологија и екологија на морето“ Сплитски универзитет
- Список на поими Архивирано на 16 август 2011 г.