Раст
Во биологијата, раст претставува квантитативно зголемување на телесната жива маса на организмот во целина. Сите организми растат, благодарение на делбата на клетките, со што се зголемува нивниот број и големина, а како последица на тоа расте телото на организмот. Растењето е неповратна појава. Тешко можат да се издвојат процесите на развитокот од оние на растењето. Додека развитокот го сочинуваат многубројни промени што доведуваат до квалитативни измени (созревање, размножување, стареење и смрт), во процесите на растењето се одвиваат квантитативни промени на организмот, т.е. се зголемува масата. Развитокот секогаш е проследен со растење, а растењето може да се одвива без развиток. Во основа, кај организмите постојат два типа на растење: неограничено (неопределено) и ограничено (определено). Кај првиот тип растењето продолжува со намален интензитет и по завршениот развиток, додека кај вториот, ненадејно престанува, како што е случај со членконогите. Ритмиката на растењето зависи од наследните и од некои внатрешни фактори - хормоните на хипофизата, тироидеата и половите жлезди, како и од надворешните услови - храната, светлината, топлината, влагата и др. Растењето зависи и од степенот на диференцијацијата на клетките, ткивата и органите на организмот.