Носии од Костурско
Народната носија од Костурско била традиционално носена со мали меѓусебни разлики во пределите Корешта, Пополе, Костенарија и Нестрамско.
Машката носија
[уреди | уреди извор]Во костурскиот регион, со пределите Нестрам, Пополе и Корешта, во составот на традиционалната машката носија влегуваат: белата платнена кошула, специфичните ногавици клашни, долги од глуждовите до преподните (од каде што со помош на врвци се придржуваат за појасот), белите клашнени бечви украсени со гајтани, шалварите украсени исто така со гајтани, горната бела клашнена долама, како и карактеристичната црна клашнена курдија, долга до колена. Во овој состав влегува и масивната сточарска облека трлаган, од волнено-козинена ткаенина, со широка јака која по потреба се формира во ќуљавка; паралелно, примена имала и сточарската облека гуна, што се носела наметната со слободно пуштени ракави. Главата се покривала со бела или црна тркалезна капа. Во состав на постариот вид машка носија се носела и сосема мала плитка тркалезна капа, по форма многу слична на капите што ги носеле „латинските калуѓери“. [1]
Женскатс носија
[уреди | уреди извор]Под влијание на печалбарството на кое од поодамна било упатено населението од Костурско, условило традиционалната женска народна носија, уште од крајот на ХIХ век да се редуцира и напушта.
До тој период во женската носија од пределот Корешта егзистирале белата платнена кошула, украсена со разнобојна везена декорација, горната безракавна облека шајак, изработена од истоимената волнена ткаенина (бела, црна или бојосана темно-сина), безракавна горна долга облека власеник, изработена од дебела волнена ткаенина од едната страна (опачишта) со рунтава ресеста структура и волнена скутина прегач. Главата се покривала со марама риза, во бела боја за млади, а за постари жени црна.
Во некои околни села на Костур, покрај облеката власеник жените носеле и ќурдија. На овој терен била застапена и облеката капама, од индустриска пругаста тлаенина алаџа, која се изработувала потплатена, од внатрешната страна полнета со памук. Според расположните информации, за составот на женската носија од пределот Нестрам биле карактеристични грната безракавна облека кепе, кроена од црн шајак, во долниот дел трапезоидно проширена, облеката антеричка и облеката власеник. За пределот Пополе, како покарактеристични се издвојувале облеките шајак и дуламка. [1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Здравев, Ѓорѓи (2005). Македонски Народни Носии (ткаеници, везови, плетила, китење и накит). Скопје: Матица Македонска. стр. 182 до стр. 184. ISBN 9989-48-584-4.