Nothing Special   »   [go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Народни носии од Тиквеш

Од Википедија — слободната енциклопедија

Тиквешките народни носии се дел од материјалната култура на Тиквешани и претставуваат репрезентативен дел од народното уметничко творештво. Во оформувањето на народните носии од Тиквеш, освен културно-историските прилики и творечкиот дух на народот, големо значење имале и географско-природните карактеристики на тиквешкиот регион кои ги определувале условите на стопанството и културата на населението. [1]

Тиквешката женска и машка носија припаѓаат на средновардарскиот вариетет на народни носии кој е во состав во источномакедонскиот тип носии. Овие две носии се преоден тип и се надоврзуваат со носиите од Велешко и Гевгелиско. [1]

*Забелешка: Во одредени предели (на пр. Неготинско), жените имаат облековни елементи слични, ако не исти со тие од мариовскиот крај

Селани во носии од с. Ракле, Раец (почеток на ХХ век)

Женската носија

[уреди | уреди извор]

Тиквешката летна невестинска носија се состои од: кошула од бело ткаено памучно платно со декоративен вез „шуто лозена“ и „крстои“, ткаен волнен тесен појас украсен со прави напречни шарки, ткаена волнена бочва „скутале“ (зорт бочва) украсена со каро шарки, ткаено памучно палто „саѓија“, плетени волнени чорапи, плетени волнени подлактици и ткаена памучна крпа „турбан“ за на глава. На градите невестата носи гердан-врвца со нанижени пари. Карактеристичен облековен елемент на летната невестинска носија е китениот фустан „вртешка“ изработен со ткаење на шарена волнена преѓа. Зимски женски облековен елемент е горно палто „гунка“ од ткаена волнена преѓа. [1]

Машката носија

[уреди | уреди извор]
Германски војници и мажот во средина, кој бил облечен во носија од с. Мал Радобил, Раец (1917)

Тиквешката машка летна носија се состои од: кошула од бело ткаено памучно платно, ткаен широк волнен појас „колан“ украсен со прави и каро шарки, набрано здолниште фуста (фустан) од бело ткаено волнено платно, долни машки гаќи од бело ткаено памучно платно, плетени волнени чорапи и памучно палто „сагија“. Карактеристичен облековен елемент на машката летна носија е ткаена волнена скутина украсена со прави хоризонтални шарки, која се носи само кога се работи во поле. Зимски машки облековен елемент е горно палто „антерија“ од ткаена волнена преѓа со темен колорит. [1]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Етнолошки предмети од Тиквешијата. Кавадарци: РО Музеј-Галерија Кавадарци. 2005. стр. 18 и 19. ISBN 9989-2432-1-2.

Надворешни Врски

[уреди | уреди извор]