Жан Сантеј
Жан Сантеј (француски: Jean Santeuil) — роман на францускиот писател Марсел Пруст.
Содржина
[уреди | уреди извор]За романот
[уреди | уреди извор]Пруст почнал да го пишува својот прв роман, „Жан Сантеј“, во март 1896 година, но не успеал да го заврши. Во 1899 година, по четиригодишна работа и напишани околу илјада страници, целосно ја прекинал работата на романот.[1] Дури во 1952 година, во еден сандак, пронајден во станот на братучетката на Пруст, бил пронајден ракописот на овој роман, кој бил објавен со насловот „Жан Сантеј“.[2] Овој текст бил објавен во три тома, со предговор на Андре Моро. Главната инспирација за „Жан Сантеј“ Пруст ја пронашол во романите на Балзак. Поради тематската сличност меѓу овој роман и „Потрагата по изгубеното време“, „Жан Сантеј“ често се нарекува и прва верзија на „Потрагата“. Имено, „Жан Сантеј“ е фиктивна автобиографија која зборува за детството, младоста и зрелоста на главниот јунак, кој сака да стане писател. Притоа, прототиповите на познатите ликови, како и местата и случките од „Потрагата“ се застапени веќе во „Жан Сантеј“. На пример, Жилберта, Сен Лу и Балбек од „Потрагата“ се Мари Косишев, Анри де Ревејон и Етреј во „Жан Сантеј“. Исто така, двата романа почнуваат со „драмата пред заминувањето на спиење“, т.е. со епизодата во која малиот Жан (односно Марсел) одбива да оди на спиење ако не дојде мајка му да го бакне. Понатаму, уште во „Жан Сантеј“, Пруст се занимава со Драјфусовата афера, а важно место во романот зазема епизодата во која се опишува како Жан, за време на излетот на Женевското Езеро, доживува необично искуство со ненадејното сеќавање. Оваа епизода е многу слична на случката во романот за Сван во која Марсел, загризувајќи го колачето натопено во чај, доживува напад на сеќавањата на детството поминато во Комбре. Важно место во „Жан Сантеј“ зазема и долгата глава со есеистички карактер со наслов „Љубов“ во која се расправа за природата и смислата на љубовта. Според Прустовиот биограф и еден од најугледните прустолози Жан Ив Тадие, оваа глава подоцна еволуирала во „Една Сванова љубов“.[3]
Според Андре Мороа, во „Жан Сантеј“ Пруст сè уште „не го открил својот вистински предмет... роман за романот, преминот од изгубеното во пронајденото време“ и во него ги нема „луѓето-жени, потомците на жителите на Содома“, односно темата на хомосексуалната љубов која во творештвото на Пруст се појавила дури по смртта на мајка му во 1905 година.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 15.
- ↑ „Marsel Prust - Hronologija života i dela“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 283-285.
- ↑ Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 15-16.
- ↑ Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 16.