Nothing Special   »   [go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Ерфурт

Координати: 50°59′0″N 11°2′0″E / 50.98333° СГШ; 11.03333° ИГД / 50.98333; 11.03333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Ерфурт
Катедралата и Северикирхе во Ерфурт
Катедралата и Северикирхе во Ерфурт
Катедралата и Северикирхе во Ерфурт
Знаме на Ерфурт
Грб на Ерфурт
Ерфурт во рамките на Германија
Ерфурт
Управа
Земја Германија
Покраина Тирингија
Округ Урбан округ
Градски единици 53 окрузи
Градоначалник Андреас Баузевајн (СДП)
Владејачки партии SPDЛевицаЗелени
Основни податоци
Површина 269,17 км2
Надм. височина 200 м
Население 214.969 (31 декември 2022)[1]
 - Густина 799 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. EF
Пошт. бр. 99001-99198
Повик. бр. 0361
Портал erfurt.de
Местоположба на градот Ерфурт во Тирингија
Местоположба на градот Ерфурт во Тирингија
Местоположба на градот Ерфурт во Тирингија
Координати 50°59′0″N 11°2′0″E / 50.98333° СГШ; 11.03333° ИГД / 50.98333; 11.03333

Ерфурт (германски: Erfurt) — главен град на Тирингија и е еден од поголемите градови блиску до географскиот центар на Германија, сместен на 100 километри југозападно од Лајпциг, 150 километри северно од Нирнберг и 180 километри југоисточно од Хановер. Заедно со соседните градови Вајмар и Јена ја создава средишната метрополитенска област на Тирингија со над половина милион жители. Познати институции во Ерфурт се Сојузниот суд за труд на Германија, Универзитетот Ерфурт и Високата школа Ерфурт, како и Римокатоличната епископија Ерфурт со Ерфуртската катедрала како една од главните знаменитости. Други познати згради се Кремербрике (Krämerbrücke), мост целосно покриен со градби и најстарата синагога, која сè уште постои во Европа, изградена во 11 век. Средновековниот центар на градот се состои од стари фахверк куќи и околу 25 готски цркви.

Ерфурт бил првпат споменат во 742, кога Свети Бонифациј ја основал епископијата. Иако политички градот не припаѓал на една од тириншките држави, брзо станал економски центар на регионот. До времето на Наполеон бил дел од Електоратот Мајнц, а потоа припаѓал на Прусија до 1945. Универзитетот бил основан во 1392, затворен во 1816 и повторно основан по повторното обединување на Германија во 1994. Кога бил отворен бил трет универзитет во Германија, но некои документи посочуваат дека постоел од 1379 и поради помеѓу историчарите се води дебата дали универзитетот е најстар во Германија. Мартин Лутер бил најпознат студент на универзитетот.

Економијата на градот се состои од администрацијата, услугите и индустријата за микроелектроника. Поради средишната положба во Германија, Ерфурт станал важно место за логистика во Германија и Средна Европа во текот на последниве години. Друга традиционална стопанска гранка е хортикултурата. Ерфурт го поседува вториот најголем саем (по Лајпциг) во источна Германија и е важен јазол во железничкиот и патниот сообраќај. Јавниот телевизиски канал за деца KiKa е сместен во Ерфурт.

Градот се наоѓа во јужниот дел на Тириншката Котлина, во рамките на долината на реката Гера.

Историја

[уреди | уреди извор]

Праисторија

[уреди | уреди извор]

Ерфурт е стара германска населба. Најстариот доказ за човечка населба датира од предисториската ера; археолошките наоди од северниот дел на Ерфурт откриваат човечки траги во палеолитскиот период, околу 100.000 години п.н.е. Ископината Ерфурт-Мелхендорф покажува населба од неолитскиот период. Турингиите први ја населиле областа на Ерфурт, околу 450 и му го дале нивното име Тирингија, околу 500 година.

Среден век

[уреди | уреди извор]
Ерфурт, извадок од Нирнбершка хроника, 1493
Стара синагога (најстара во Европа)
Стариот универзитет (1392)

Градот, првпат е спомнат во 742 под името „Erphesfurt“; истата година, Свети Бонифациј му напишал на папата Захариј, за да му каже дека тој основал три епископи во Тирингија, една од нив „во место наречено Erphesfurt, кој долго време било населено со пагански староседелци.“ Сите три епископи (другите две биле во Вирцбург и Бурабург) биле потврдени од Захариј следната година, иако подоцна Ерфурт бил пренесен во Мајнчката епископија.[2] Дека местото било население, произлегува од археолошките докази, кои вклучуваат 23 гроба и шест гроба на коњи од шестиот и седмиот век.[3]

Во текот на средниот век, тој бил важен трговски град, поради неговата локација, во близина на речен премин, минувајќи низ реката Гера. Заедно со другите пет тириншки сини градови Гота, Тенштет, Арнштат и Лангензалца биле центар на германската дрвна трговија, што ги направило овие градови да станат богати. Ерфурт бил раскрсница на многу важни трговски патишта: Вија Регија бил еден од најважните патишта во правецот исток-запад помеѓу Франција и Русија (преку Франкф, Ерфурт, Лајпциг и Вроцлав) и другиот пат во насока север-југ бил врската помеѓу пристаништата на Балтичкото Море (како Либек) и италијанските градови-држави како Венеција и Милано.

Во текот на 10 и 11 век Царството и Изборното Кнежевство Мајнц му посветиле внимание на Ерфурт. Германските цареви имале важен манастир на ридот Петерсберг, а мајнчките епископи наплаќале даноци од народот. Околу 1100, некои луѓе станала слободни граѓани преку плаќање на годишниот „данок за слобода“ (Freizins), што бил првиот чекор кон развивање на слободен град. Во текот на 12 век, како знак на поголемата независност, граѓаните изградиле градски бедем околу Ерфурт. По 1200, независноста била добиена и градскиот совет бил основан во 1217; градското собрание било изградено во 1275. Во следните децении, советот купувал поседи околу Ерфурт. Ерфурт станал важна регионална сила помеѓу Ландгрофството Тирингија, Изборното Кнежевство Мајнц на запад и Изборното кнежевство Саксонија на исток. Помеѓу 1306 и 1481, Ерфурт се здружил со два други тириншки града (Милхаузен и Нордхаузен) во Тириншкиот градски сојуз. Врвот во економскиот развој бил достигнат во 15 век, кога градот имал население од 20.000 жители, што го направило еден од најголемите во Германија. Помеѓу 1432 и 1446 бил изграден вториот и поголем градски бедем. Во 1483 била изградена првата градска тврдина.

Еврејската заедница на Ерфурт била основана во 11 век и станала, заедно со оние од Мајнц, Вормс и Шпајер, една од највлијателните во Германија. Нивната синагога е сè уште зачувана и денес е музеј, исто како миквата на реката Гера близу Кремербрике. Во 1349, за време на бранот на погроми кои следеле по црната смрт низ Европа, Евреите од Ерфурт биле уапсени, притоа биле убиени над 100 лица, а остатокот биле депортирани од градот. Пред нивното бркање, богатите еврејски трговци го закопале нивното богатство во подрумите на своите куќи. Во 1998, ова богатство било пронајдено во текот на изведување на градежни работи. Ерфуртското богатство со различни златни и сребрени делови е прикажана на изложба во синагогата. Неколку години по 1349, Евреите се вратиле во Ерфурт и ја основала втората заедница, која била распуштена од градскиот совет во 1458.

Во 1392 бил основан Ерфуртскиот универзитет, на кој бил запишан Мартин Лутер. Заедно со Келнскиот универзитет бил еден од првите универзитет во Германија поседувани од градовите. Некои градби на стариот универзитет се зачувани или обновени во „латинскиот кварт“ во северниот дел на центарот на градот. Универзитетот брзо станал средиште на германскиот културен живот во текот на хуманизмот со предавачи како Улрих фон Хутен, Хелиус Еобанус Хесус и Јустус Јонас.

Ран модерен период

[уреди | уреди извор]
Дворецот на владетелите на Мајнц (однапред)

Во 1501 Мартин Лутер станал студент на универзитетот. По 1505 живеел во августинскиот манастир и во 1507 станал свештеник во Ерфуртската катедрала. Се преселил во Витенберг во 1511. Неговата Реформација стигнала во Ерфурт во 1521. Во 1530, градот станал еден од првите градови во Европа, кои официјално станале повеќеверски. Го зачувал статусот и низ понатамошните векови. Крајот на 16 и 17 век донеле мал економски развој на Ерфурт. Трговијата се намалила, бројот на жители бил во опаѓање, а универзитетот го загубил своето влијание. Била загрозена и независноста на градот. Во 1664, градот и околината преминале под власта на Изборното Кнежевство Мајнц и градот ја загубил својата независност. Изборното кнежевство изградило огромна тврдина на ридот Петерсберг помеѓу 1665 и 1726 за да го контролира градот и испратил гувернер да владее со Ерфурт.

Кон крајот на 18 век, Ерфурт го доживеал својот културен врв. Гувернерот Карл Теодор Антон Марија фон Далберг одржувал силни врски со Јохан Волфганг фон Гете, Фридрих Шилер, Јохан Готфрид Хердер, Кристоф Мартин Виланд и Вилхелм фон Хумболт, кои често го посетувале во Ерфурт.

Ерфурт станал дел од Кралството Прусија во 1802. Во текот на капитулацијата на градот, неговите 12.000 бранители и тврдината Петерсбург биле предадени на Французите на 16 октомври 1806. Градот станал дел од Првата француска империја во 1806 како Кнежевство Ерфурт, но било вратено на Прусија во 1815 по Наполеоновите војни. Иако опкружен со тириншка територија од запад, југ и исток, градот останал дел од пруската покраина Саксонија до 1944. Во 1808 бил одржан Ерфуртскиот конгрес, на кој присуствувале Наполеон и Александар I.

Улица во јужниот дел на градот со згради во грундерцајт стил
Станбени проекти во баухаус од 1930
Хотел „Ерфуртер Хоф“, каде одржал првиот состанок на источно и западногерманскиот канцелар во 1970

По Револуцијата во 1848, многу Германци изразиле желба да имаат обединета национална држава. Обидот кон оваа желба била пропаднатата Ерфуртска унија на германските држави во 1850.

Индустриската револуција пристигнала во Ерфурт во 1840-тите, кога била изградена тириншката железница како врска помеѓу Берлин и Франкфурт. Во текот на следните години биле изградени многу фабрики во различни дејности. Една од најголемите била Кралската фабрика за пушки на Прусија во 1862. По обединувањето на Германија во 1871, Ерфурт не се наоѓал повеќе на јужната граница на Прусија, туку станал средиште на Германија, па така утврдувањата околу градот повеќе не биле потребни. Нивното рушење во 1873 довело до градежен бум во Ерфурт, поради дозволата да се гради пред поранешните градски ѕидини. Многу јавни и приватни градби се изградиле, а инфраструктурата брзо се подобрила. Бројот на жители се зголемил од 40.000 околу 1870 до 130.000 во 1914 и градот се ширел во сите насоки.

Ерфуртската програма била усвоена од Социјалдемократската партија на Германија за време на нивниот Конгрес во Ерфурт во 1891.

Помеѓу војните градот продолжил да расте. Недостигот на станбен простор бил надминат со програми за градење и општествена инфраструктура според политиката на Вајмарската Република. Големата депресија помеѓу 1929 и 1932 довела до катастрофални последици за Ерфурт, скоро една третина од населението станало невработени. Судирите помеѓу крајната левица и десница се затегнале и многу жители ја ценела нова нацистичка влада и Хитлер. Другите, особени некои комунистички работници, покажале отпор против новата администрација. Во 1938, новата синагога била уништена во текот на палежите во Кристилната ноќ. Евреите го изгубиле нивниот имот и емигрирале или биле депортирани во нацистички концентрациски логори (заедно со многу комунисти). Во 1914 компанијата Topf und Söhne започнала со производство на крематориуми, а подоцна станала и пазарен водач во оваа индустрија. За време на нацистичката влада, компанијата ги снабдувала логорите Аушвиц-Биркенау и Маутхаузен со крематориуми, печки и друга опрема. На 27 јануари 2011 бил отворен споменик и музеј посветен на жртвите од Холокаустот убиени од печките на компанијата на местото на поранешното седиште во Ерфурт.

Бомбардиран како цел на нафтената кампања во Втората светска војна, Ерфурт претрпел само ограничена штета и бил освоен на 12 април 1945, од страна на американската 80. пешадиска дивизија.[4] На 3 јули, американските трупи го напуштиле градот и градот станал дел од советската окупациска зона и Источна Германија. Во 1948, Ерфурт станал главен град на Тирингија на местото на поранешниот, Вајмар. Во 1952, покраините во ГДР биле распуштени на сметка на присилената централизација под социјалистичкиот режим. Тогаш, Ерфурт станал главен град на новиот Округ Ерфурт („Bezirk“). Во 1953 била основана високата школа за образование, како и високата школа за медицина во 1954, први академски институции во Ерфурт по затворањето на универзитетот во 1816.

На 19 март 1970 источниот и западниот германски канцелар Вили Штоф и Вили Брант се сретнале во Ерфурт, прв ваков состанок од поделбата на Германија. Во текот на 1970-тите и 1980-тите, економската состојба во ГДР постојано се влошувала. Многу стари градби во центарот на градот пропаднале, додека владата се борела против недостигот на домови со градење на големи населби од станбени блокови во периферијата. Мирната револуција 1989-90 довела до повторното обединување на Германија.

По повторното обединување, градот станал главен град на повторно воспоставената сојузна покраина Тирингија. По повторното обединување се случила длабока економска криза во Источна Германија. Многу фабрики се затвориле и многу луѓе ги загубиле своите работни места и се преселиле во Западна Германија. Од друга страна, многу градби биле обновени и инфраструктурата се подобрила. Во 1994 бил отворен новиот универзитет, како и Високата школа во 1991. По 2005 економската состојба се подобрила, стапката на невработеност значително се намалила и биле отворени нови претпријатија. Исто така, населението повторно започнало да се зголемува.

Во 2002, ученик влегол во локалната гимназија. Ерфуртскиот масакр со 17 мртви бил првиот голем училиштен масакр во Германија.

Географија и демографија

[уреди | уреди извор]
Реката Гера во центарот на градот

Топографија

[уреди | уреди извор]

Ерфурт се наоѓа јужно од Тириншката Котлина, плодна земјоделска област помеѓу планините Харц 80 километри на север и Тириншката Шума 30 километри во југозапад. Додека северните делови на градот се рамни, јужните се состојат со ридови до 430 метри надморска височина. Исто така, во овој дел постои општинската шума Штајгервалд (Steigerwald) со букова и дабова шума. На исток и на запад постојат голи непошумени ридови, каде поминува и реката Гера. Северно од градот постојат неколку наоѓалишта на чакал и песол, додека неколку се напуштени, поплавени и користени како области за рекреација од граѓаните на Ерфурт.

Ерфурт има влажна континентална или океанска клима според Кепеновиот систем за класицикација на климите.[5][6] Летата се топли и понекогаш влажни со просечни високи температури од 23°С степени и ниски од 12°С. Зимите се релативно студени со просечни високи температури од 2°С и ниски до -3°С. Градската топографија создава микроклима поради неговата местоположба, осовено во зимите (прилично студени ноќи и под -20°С) и недоволно движење на воздухот во летата. Годишните врнежи се само 502 mm со умерени врнежи во текот на годината. Мала количина на снежни врнежи паѓа во текот од декември до февруари, но снежната покривка обично не се задржува многу долго.

Клима на Ерфурт (1971-2000)
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна максимална (°C) 2,2 3,2 7,8 12,2 17,5 20,1 22,5 22,7 18,3 12,7 6,4 3,4 12,4
Просечна минимална (°C) −3,1 −2,9 0,3 2,8 7,1 10,2 12,1 12,0 9,1 5,1 0,9 −1,5 4,3
Просечно кол. врнежи (мм) 24,7 23,8 35,5 40,3 54,8 60,8 62,5 52,8 40,5 36,8 37,5 31,5 501,5
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) 7,0 6,7 8,3 7,9 8,5 10,0 8,7 8,3 7,4 6,9 7,8 7,6 95,1
Извор: Светска метеоролошка организација[7]

Административна поделба

[уреди | уреди извор]
Окрузи во Ерфурт

Ерфурт се граничи со окрузите Земерда (општините Витерда, Елкслебен, Валшлебен, Ритнордхаузен, Неда, Алперштет, Гросрудештет, Удештет, Клајнмелзен и Гросмелзен) на север, Вајмар (општините Нидерцимерн, Нора, Менхенхолцхаузен и Клетбах) на исток, Илм (општините Кирххајм, Рокхаузен и Амт Ваксенбург) на југ и Гота (општините Несе-Апфелштет, Нотлебен, Цимернзупра и Бинштет) на запад.

Самиот град е поделен на 53 окрузи. Центарот е создаден од округот Алтштат и окрузите Андреасфорштат на северозапад, Јоханесфорштат на североисток, Кремпферфорштат на исток, Даберштет на југоисток, Леберфорштат на југозапад и Брилерфорштат на запад. Поранешни индустриски окрузи се Илферсгехофен (припоен во 1911), Хоенвинден и Зулцер Зидлунг на север. Друга група на окрузи со еднолични станбени блокови изграден во времето на Источна Германија се: Берлинер Плац, Москауер Плац, Рит, Ротер Берг и Јоханесплац во северниот дел, како и Мелхендорф, Визенхигел и Херенберг во јужниот дел.

Другите окрузи, главно се рурални подрачја со околу 1.000 жители, кои биле припоени во текот на 20 век, но сепак останале рурални до денес.

Демографија

[уреди | уреди извор]

Околу 1500 година, градот имал 18.000 жители и спаѓал меѓу најголемите градови во Светото Римско Царство. Потоа, населението не се менувало до 19 век. Во 1820, Ерфурт имал население од 21.000, кое се зголемило до 32.000 жители во 1847, годината кога градот се поврзал железницата и кога почнала индустрализацијата. Во следните децении, населението се зголемило до 130.000 на почетокот на Првата светска војна и 190.000 жители во 1950. Максимумот бил достигнат во 1988 со 220.000 жители. Поради лошата економска состојба во источна Германија по повторното обединување, населението до 2002 се намалило до 200.000 за повторно да се зголеми во 206.000 година во 2011. Просечниот раст на населението во последните години бил околу 0,5%, но затоа населението во пограничните рурални области се намалува.

Како другите источногермански градови, Ерфурт има само мал број на странци: околу 3,6% немаат германско државјанство и вкупно 7% се мигранти. За разлика од националниот просек, најголеми групи на мигранти во Ерфурт се Виетнамците, Русите и Украинците. Во текот на последниве години, економската состојба во градот се подобрува: стапката на невработеност е намалена од 21% во 2005 на 9% во 2012. Сепак, околу 14.000 домаќинства со 24.500 лица (12% од населението) се зависни од државната социјална помош. Поради атеистичкото убедување во поранешната Источна Германија, поголемиот дел од населението не се припадници на ниту една вера. 13% се членови на Евангелистичката црква во Средна Германија и 6% се католици. Еврејската заедница се состои од 500 лица. Поголемиот дел од нив се мигранти од Русија и Украина, кои дошле во градот во 1990-тите.

Култура, знаменитости и пејзаж

[уреди | уреди извор]

Познати жители во историјата

[уреди | уреди извор]
Поглед на Ерфурт

Мартин Лутер студирал Универзитетот Ерфурт и тука ги стекнал неговите дипломи по теологија. Лутер живеел тука како студент од 1501 до 1511 и како монах од 1505 до 1511.

Градот е родно место на еден од братучедите на Јохан Себастијан Бах, Јохан Бернхард Бах, како и на таткото на Јохан Себастијан Бах, Јохан Амброзиус Бах. Родителите на Бах се венчале во 1668 во малата црква, Kaufmannskirche („Трговска црква“), која сè уште постои на главниот плошта, Ангер.

Социологот Макс Вебер е роден во Ерфурт,[8] додека теологот и филозофот Мајстор Екхарт бил игумен на Доминиканскиот ред во Ерфурт.

Јохан Пахелбел бил оргулар во црквата Предигер во Ерфурт. Искомпонирал скоро седумдесет дела за оргули додека бил во Ерфурт. По 1906, композиторот Рихард Вец живеел во Ерфурт и станал водечки претставник во музичкиот живот на градот. Неговите главни дела биле напишани тука, вклучувајќи три симфонии, реквиум и ораториум за Божиќ.

Познати современи музичари од Ерфурт се Clueso, Boogie Pimps, Northern Lite и Yvonne Catterfeld.

Ерфурт има голем број на музеи. Дел од нив се:

  • Градскиот музеј (Stadtmuseum) прикажува неколку делови од историјата на Ерфурт со фокус на средновековниот период, раната модерна историја, Мартин Лутер и Универзитетот. Други делови на градскиот музеј се Новата воденица (Neue Mühle), стара воденица сè уште во употреба и складиштето Бенари (Benaryspeicher) со изложба за старите печатарски преси.
  • Angermuseum е уметнички музеј во Ерфурт, именуван по самиот плоштад каде се наоѓа музејот. Насочен е кон современите графички дела, скулптури и разни ракотворби.
  • Природнонаучниот музеј Ерфурт (Naturkundemuseum Erfurt) се наоѓа во средновековно дрвено складиште и прикажува дел од флората и фауната на Тирингија, работи поврзани со геологија и екологија.
  • Германскиот музеј за градини (Deutsches Gartenbaumuseum) — сместен во тврдина од 17 век (Cyriaksburg) и ја прикажува историјата на германската хортикултура, во која Ерфурт бил самиот центар.
  • Музејот за народната култура на Тирингија (Museum für Thüringer Volkskunde) го прикажува обичниот живот на луѓето во Тирингија во минатото и прикажува изложба со селски и занаетски традиции.
  • Старата синагога (Alte Synagoge) била отворена во 2009 и го прикажува Ерфуртското богатство заедно со неколку хебрејски ракописи.
  • Електромузејот (Elektromuseum) ја покажува историјата на електричните мотори, што е важен дел од економијата на Ерфурт.
  • Erinnerungsort Topf & Söhne (меморијално место за Топф и синовите) прикажува изложба за компанијата Тоф и Синовите, која ги правела крематориумите за Аушвиц и другите концентрациони логори.
  • Уметничка галерија Ерфурт (Kunsthalle Erfurt) прикажува разновидни изложби на современа уметност.
  • Црква Свети Петар (Peterskirche) прикажува дела од конкретизмот.
  • Замокот Молсдорф (Schloss Molsdorf) во округот Молсдорф е барокен дворец со изложба за сликарот Ото Кнепфер.

Театар Ерфурт

[уреди | уреди извор]

Од 2003, новата модерна оперска куќа е дом на театарот во Ерфурт и филхармонијата. „Големата сцена“ има 800 седишта, а „студиската сцена“ може да одржи до 200 гледачи. Во септември 2005, операта Чекајќи ги варварите од Филип Глас се одржа премиерно во оперската куќа. Театарот Ерфурт, неодамна, беше извор на контроверзии. Во 2005 настапот на операта на Енгелберт Хумпердинк Ивица и Марица го дигна на нозе локалниот печат, кога во настапот имаше елементи на педофилија и инцест. Операта била рекламирана во програмата со додаток „само за возрасни“.

На 12 април 2008, верзија на операта на Верди Бал под маски режирана од Јохан Кресник, го најави отворањето на Ерфуртскиот театар. Продукцијата предизвика длабоки контроверзии со покажување на голи настапувачи во маски на Мики Маус, танцувајќи на урнатините на Светскиот трговски центар и пејачка со насликана четка за заби со Хитлер, изведувајќи го и нацистичкиот поздрав, заедно со злобни портрети на американските војници и имитатори на Вујко Сем и Елвис Пресли. Режисерот ја опишал продукцијата како популистичка критика на американското општество, чија цел е прикажувањето на разликата меѓу богатите и сиромашните. Контроверзијата ја предизвика еден локален политичар, кој ги повикал жителите да го бојкотираат настапот, но ова во голема мера било игнорирано и премиерата била распродадена.[9]

Арена Гунда Ниман-Штирнеман

Познати спортови во Ерфурт се атлетиката, лизгањето на мраз, велосипедизмот (со најстариот велодром во употреба во светот, отворен во 1885), пливањето, ракометот, одбојката, тенисот и фудбалот. Фудбалскиот клуб во градот ФК Црвено-Бели Ерфурт е член на третата Бундеслига и се наоѓа на стадионот Штајгервалд со капацитет од 20.000. Арената Гунда Ниман-Штирнеман била втора затворена арена за брзо лизгање во Германија.

Главни знаменитости

[уреди | уреди извор]

Цркви, манастири и синагоги

[уреди | уреди извор]

Во центарот на градот се наоѓаат околу 25 цркви и манастири, поголемиот дел од нив во готски стил, некои исто така во романски стил или мешавина на овие два елемента и подоцна во други стилови. Бројни црковни кули можат да се видат во средновековниот центар и тоа довело еден од прекарите на Ерфурт да биде „Тириншки Рим“.

Католички цркви и манастири:

  • Црквата на сите Светци (Allerheiligenkirche) — готска парохиска црква од 14 век.
  • Катедрала Св. Богородица (Dom St. Marien) — најголемата црква во Ерфурт на ридот Домберг близу плоштадот. Поседува романски и готски елементи и едни од најголемите средновековни камбани. Црквата е епископско седиште и една од главните знаменитости на Ерфурт.
  • Црквата Св. Лаврентиј (Lorenzkirche) — мала готска парохиска црква од 14 век на плоштадот Ангер.
  • Црквата Св. Мартин (Martinikirche) била изградена во 15 век во готски стил и подоцна претворена во барокна. Била цистерцијански манастир и парохиска црква на Брил, средновековна приградска единица на градот.
  • Црквата на Светиот Крст (Neuwerkskirche St. Crucis) — готска парохиска црква од 15 век, која подоцна станала барокна. До 1285 била користена како августински манастир.
  • Шкотската црква Св. Никола и Св. Јаков (Schottenkirche St. Nikolai und St. Jakobi) — романска манастирска црква од 11 век со барокна фасада, која подоцна била користена како парохиска црква.
  • Црквата Св. Север (Severikirche) — најголема парохиска црква по катедрала и се наоѓа веднаш до нејзе на ридот Домберг. Таа е готска црква и била изградена околу 1300.
  • Црквата Урсулин (Ursulinenkirche) — готска манастирска црква на плоштадот Ангер. Во нејзе се наоѓа единствениот активен манастир во Ерфурт.
  • Црквата Св. Вигберт (Wigbertikirche) — готска парохиска црква од 15 век на плоштадот Ангер.

Евангелистички цркви и манастири:

  • Црквата Св. Егидиј (Ägidienkirche) — готска парохиска црква на плоштадот Вениген од 14 век. Таа е една од двете поранешни цркви на Кремербрике на обете страни на мостот. Поради тоа, црквата се наоѓа на првиот кат, додека на приземјето се наоѓа преминот кон мостот. Кулата е отворена (со платена влезница) и нуди добар поглед на центарот на градот. Денес, црквата Св. Егидиј е методистичка парохиска црква.
  • Црквата Св. Андреј (Andreaskirche) — готска парохиска црква од 14 век. Стариот занаетчиски кварт е именуван по црквата.
  • Црквата Св. Августин (Augustinerkirche) — готска манастирска црква од 14 век. Мартин Лутер живеел тука како монах помеѓу 1505 и 1512. Денес, црквата и манастирот се поседувани од Евангелистичката црква, која ги користи како конференциски и образовен центар.
  • Трговската црква Св. Григориј (Kaufmannskirche St. Gregor) — готска парохиска црква од 14 век. Таа е една од најголемите и најважните парохиски цркви во Ерфурт. Родителите на Јохан Себастијан Бах се венчале тука во 1668.
  • Црквата Св. Михаил (Michaeliskirche) — готска парохиска црква од 13 век. Станала црква на универзитетот во 1392.
  • Свештеничката црква (Predigerkirche) — готска манастирска црква од 14 век на Доминиканците. Од реформацијата во 16 век е главната евангелистичка црква во Ерфурт.
  • Реглер црквата Св. Августин (Reglerkirche St. Augustinus) — романско-готска манастирска црква од 12 век на Августинците. По реформацијата станала евангелистичка парохиска црква.

Поранешни цркви:

  • Босоногата црква (Barfüßerkirche) — готска манастирска црква од 14 век. Поранешниот францискански манастир станал евангелистичка парохиска црква по реформацијата. Во 1944, црквата била уништена при бомбардирањето. Оттогаш, таа е руина и споменик за војната и насилството.
  • Црквата Св. Вартоломеј (Bartholomäuskirche) била парохиска црква. Црквата била уништена во 1667 и е останата само кулата. Денес, кулата поседува 60 ѕвона.
  • Црквата Св. Ѓорѓи (Georgskirche) била парохиска црква. Била уништена во 1632 поради користење на градежен материјал за новата тврдина и останала само кулата.
  • Болничката црква (Hospitalkirche) била црква на поранешната Голема градска болница. Таа е градба од 14 век и сега е дел од музејот за современа уметност и културна антропологија.
  • Црквата Св. Јован (Johanneskirche) била парохиска црква. Била уништена во 1819, но кулата останала.
  • Картузиската црква на Спасителот (Kartäuserkirche St. Salvatorberg) била манастирска црква. Барокната црква била затворена во 1803 и потоа користена за разни цели. Денес е дел од станбен комплекс.
  • Црквата Св. Никола (Nikolaikirche) била парохиска црква. Била уништена во 1747 и останала само кулата.
  • Црквата Св. Павле (Paulskirche) била парохиска црква. Била уништена до 1759. Кулата опстанала и била користена како камбанарија на Свештеничката црква.
  • Црквата Св. Петар (Peterskirche) била манастирска црква. Била изградена во 12 век во романски стил како црква во бенедиктански манастир. Била користена како црква до 1806. Подоцна била дел од тврдината Петерсберг и обновена за воена цели. Со тоа се загубиле преубавата внатрешност и украси. Денес, црквата е музеј за современа уметност.

Синагоги:

Постоеле пет синагоги низ историјата на Ерфурт. Првата од нив, денес е наречена стара синагога. Нејзините најстари делови потекнуваат од 11 век, додека најголем дел од денешната градба потекнува од 13 век. Старата синагога се користела до 1349. Потоа, зградата била повторно користена за други цели и повторно отворена во 1992. Од 2009, Старата синагога е музеј за еврејската култура. Зградата е најстарата зачувана синагога во Европа. Втората синагога била користена помеѓу 1350 и 1450. Се наоѓала близу плоштадот Бенедикт, но ништо не е зачувано од оваа градба.

Бидејќи верската слобода била воспоставена во 19 век, некои Евреи почнале да се враќаат во Ерфурт. Ја изградиле нивната синагога на реката Гера, позади градското собрание и ја користеле од 1840 до 1884. Малата неокласична градба е позната како „Мала синагога“ и се користи од Еврејската заедница како културен и образовен центар. Четвртата синагога била „Големата синагога“. Била изградена во 1884, бидејќи заедницата станала поголема и побогата. Оваа истористициска градба била во употреба до 1938 и потоа уништена во текот на Кристалната ноќ. Петтата синагога, наречена „Нова синагога“ е сегашниот храм на Еврејската заедница во Ерфурт. Била изградена на истата парцела како поранешната Голема синагога во 1952 и е единствената синагога изградена во периодот на ГДР низ целата територија на поранешна Источна Германија.

Секуларна архитектура

[уреди | уреди извор]

Покрај историските верски градби, постои интересна секуларна архитектура во Ерфурт, главно сместена во центарот на градот, но некои градби од XIX и XX век во предградијата се исто така препознати со одредена архитектонска вредност.

Улицата Михаел е позната како хроника на Ерфурт

Улици и плоштади:

  • Трговскиот мост или Кремербрике (Krämerbrücke) — најпознатата знаменитост на Ерфурт. Овој мост од 15 век е целосно покриен со градби и единствен во Европа, северно од Алпите. Денес, внатре во куќите постојат некои занаетчиски работилници и сувенирници.
  • Катедралниот плоштад (Domplatz) — најголемиот плоштад во Ерфурт и еден од најголемите историски главни плоштади во Германија. Катедралата и Црквата Св. Север на неговиот западен дел се достапни преку катедралните скали („Domstufen“), големи надворешни скалила. На северната страна се наоѓа судот, истористичка градба од 1880. Источната и јужната страна се опградени со модерни трговски куќи. На плоштадот е фонтаната Минерва од 1784 и обелискот Ертал од 1777. Катедралниот плоштад е главната локација на Божиќниот пазар во Ерфурт во текот на декември и место на Фестивалот Катедрални скали („DomStufen-Festival“), театарски летен фестивал на отворено.
  • Рибарскиот плоштад (Fischmarkt) — главниот плоштад во центарот на градот. Опкружен е од ренесансни трговски куќи и градското собрание, неоготска градба од 1882. Во средината на плоштадот е скулптурата Римјанин („Römer“), симбол на независноста на градот, поставена од граѓаните во 1591.
  • Малиот плоштад (Wenigemarkt) — мал плоштад на источната страна на реката Гера (спроти Рибарскиот плоштад на западната страна), опкружен од модерни трговски куќи. Фонтаната на овој плоштад со скулптурата „Парталави момчиња“ била поставена во 1975. Денес, Малиот плошта е познат како тивок плоштад со разни кафулиња и барови. Веднаш со Малиот плоштад во улицата Футер е градбата во која се одржал Ерфуртскиот конгрес во 1808.
  • Ангер (Anger) — развлечен плоштад во источниот дел на центарот на градот. Сите трамвајски линии се поврзани тука, па така станал нов центар на градот во текот на 20 век со многу важни градби. На неговата северна страна е главната пошта, изградена во 1886 во неоготски стил со нејзината позната саат-кула. На североисток постои споменикот на Мартин Лутер од 1889 пред Трговската црква. Помеѓу црквата и манастирот Урсулин се наоѓа стоковната куќа Ангер 1 од 1908. На јужната страна веднаш до улицата Штацион е музејот Ангер, музејот за историја на уметноста во Ерфурт, кој е сместен во барокната палата од 1711. Западниот дел на плоштадот Ангер е опкружен од големи истористички деловни градби од крајот на 19 век. На западниот крај на плоштадот се наоѓа фонтаната Ангербрунен од 1890. Језуитскиот колеџ близу улицата Шлесер бил изграден во 1737 и користен до забраната на Језуитите во 1773.
  • Плоштадот Вили Брант е јужната порта кон центарот на градот пред главната железничка станица. Спроти станицата е поранешниот хотел „Ерфуртер Хоф“ („Erfurter Hof“), каде се случила првата средба помеѓу двата германски канцелара во 1970. На западната страна е зградата на старата станица Ерфурт (1847-1895) со саат-кула и поранешното седиште на Тириншката Железница.
  • Еленска градина (Hirschgarten) — мал парк пред седиштето на владата на Тирингија во западниот дел од центарот. Седиштето на министерот-претседател е ренесансно-барокната палата од 17 век („Kurmainzische Statthalterei“).
  • Улицата Михаел (Michaelisstraße) — позната како хроника на Ерфурт, поради многуте средновековни градби. Таа е главна улица во латинскиот кварт околу стариот универзитет и денес една од омилените места за ноќен живот на жителите на Ерфурт поради многубројните барови, ресторани и кафулиња. Главната зграда на стариот универзитет, Collegium Maius, била изградена во 1515, уништена во бомбардирањето во 1945 и повторно изградена во 1999.
  • Улицата Јуриј Гагарин е градска обиколница околу поранешните градски ѕидини. Улицата била воспоставена во 1890-тите со затворање на ракав на реката Гера. Градбите долж улицата потекнуваат од разни епохи на 20 век, вклучувајќи неколку станбени солитери од времето на ГДР. На улицата се наоѓала поранешната Голема болница, основана во 14 век. Денес претставува музеј на современа уметност и културна антропологија.
  • Квартот Св. Андреј (Andreasviertel) — мал кварт во северниот дел на центарот на градот помеѓу Катедралниот плоштад на југозапад и улицата Морицвал на североисток. Порано бил занаетчиски кварт со тесни сокаци и стари мали куќи (од 16 и 17 век). Во текот на 20 век постоеле планови за рушење на квартот поради лошите услови за домување. По 1990, куќите биле обновени од приватни лица, па така денес е еден од најомилените квартови за живеење.

Утврдувања:

Тврдина Петерсберг

Утврдувањата имале важна улога низ историјата на Ерфурт. Сепак, градските ѕидини биле срушени во 1873. Денес, постојат само ретки остатоци од бедемот, на пример Јоханесмауер („Johannesmauer“) близу улицата Франке во североисточниот дел на центарот на градот. Поважни се тврдините на Ерфурт, кои помалку или повеќе се зачувани во нивната првобитна состојба.

Тврдината Петерсберг е една од најголемите преостаните тврдини во Европа и се протега низ целиот северозападен дел на градот. Била изградена по 1665 на ридот Петерсберг и била користена за воени цели до 1963. Од 1990 се обновувала, но сè уште некои делови не се завршени.

Тврдината Сиријаксбург е помала тврдина во југозападниот дел на градот, изградена во текот на Триесетгодишната војна. Денес е седиште на Музејот за германска хортикултура.

Економија и инфраструктура

[уреди | уреди извор]

Земјоделство, индустрија и услуги

[уреди | уреди извор]
Поранешна фабрика за оптика
Anger 1, голема стоковна куќа во центарот

Земјоделството има голема традиција во Ерфурт: обработката на дрвото го направила градот богат во текот на средниот век. Денес, хортикултурата и производството на семиња за цвеќиња се сè уште важен бизнис во Ерфурт. Покрај нив, тука влегува и овоштарството (јаболка, јагоди и црешни), градинарството (карфиол, компири, зелка и шеќерна репка) и житните култури посадени на 60% од територијата на градот.

Индустријализацијата во Ерфурт започнала околу 1850. До Првата светска војна, многу фабрики биле основани во различни сектори. По 1945, компаниите биле национализирани од владата на Источна Германија, што довело до извесно намалување на нивниот број. По повторното обединување на Германија, скоро сите фабрики биле затворени, дали поради потфрлувањето во прифаќањето на пазарната економија или поради нивната продажба на западногермански стопанственици, кои ги затвориле со цел избегнување на конкуренцијата од нивните сопствени претпријатија. Од друга страна, сојузната влада започнала во 1990-тите да го потпомага отворањето нови компании, но требало долго време пред да се стабилизира економската состојба, не пред 2006. Оттогаш, невработеноста се намалила и биле отворени нови работни места. Денес постојат многу мали и средни компании во Ерфурт насочени во електротехниката, полупроводници и фотоволтажата. Исто така, сè уште е присутна индустријата за мотори, како и производството на храна.

Сообраќај

[уреди | уреди извор]
Главната железничка станица

Железница

[уреди | уреди извор]

Ерфурт е поврзан преку Тириншката железница до Лајпциг на исток и до Франкфурт/Касел на запад. Исто така, постојат некои регионални железници од Ерфурт до Магдебург преку Зангерхаузен, до Нордхаузен, до Гетинген преку Милхаузен, до Вирцбург, Илменау и Залфелд преку Арнштат и до Гера преку Вајмар и Јена. Главната железничка станица била повторно изградена во 2000-тите поради поврзување со новата брза железница Ерфурт-Лајпциг/Хале (се предвидува отворање во 2015) и со новата брза железница Нирнберг-Ерфурт (се предвидува отворање во 2017). Со довршувањето на обете две железници, Ерфурт ќе добие втора ICE рута, од Берлин до Минхен на веќе постоечката од Франкфурт до Дрезден.

Во товарниот сообраќај постои посебен терминал во округот Физелбах (Güterverkehrszentrum/GVZ) поврзан со железница и автопатот.

Два автопата се сечат во близина на Ерфурт, А4 (ФранкфуртДрезден) и А71 (ШвајнфуртЗангерхаузен). Заедно со источната тангента, обата автопата создаваат обиколница околу градот и го носат меѓуградскиот сообраќај надвор од центарот. А4 бил изграден уште во 1930-тите, додека А71 започнал со изградба по обединувањето на Германија во 1990-тите и 2000-тите. Покрај двата автопати постојат и два сојузни автопати: Б7 кој го поврзува Ерфурт со Гота на запад и Вајмар на исток, додека Б4 е врската помеѓу Ерфурт и Нордхаузен на север. Неговиот јужен дел до Кобург бил прекинат кога бил завршен А71. Пристапот до градот е забранет за некои возила од 2012, бидејќи градот е прогласен за зона со ниска емисија на гасови (Umweltzone). Големи делови од централното подрачје се пешачки зони, до кои не може да се пристапи со автомобил (освен за жителите).

Воздухопловство

[уреди | уреди извор]

Аеродромот Ерфурт-Вајмар се наоѓа околу 3 километри западно од центарот на градот/ Бил проширен во 1990-тите, но очекувањата не се оствариле, па така има многу мал сообраќај, најмногу до средоземните градови за време на летото. Другите летови се одвиваат преку Аеродромот Франкфурт, до кој може да се стигне за два и пол часа и во иднина преку Аеродромот Берлин-Бранденбург, кој ќе биде отворен во 2014 и може да се стигне за три часа.

Велосипедизам

[уреди | уреди извор]

Велосипедизмот станува сè попопуларен по изградбата на квалитетните велосипедски патеки, започнати уште од 1990-тите. За туристички цели постојат посебни патеки, како што се патеката Гера и патеката низ тириншките градови. Обете патеки ги поврзуваат туристичките места, првата води долж долината на Гера од Тириншката Шума до реката Уншрут, а втората близу средновековниот пат Вија Регија од Ајзенах преку Гота, Ерфурт, Вајмар и Јена до Алтенбург. За секојдневниот сообраќај постојат велосипедски патеки долж главните улици. Сепак, во споредба со останатите германски градови, недостигаат патеки, поради што велосипедскиот сообраќај е недоволно застапен во Ерфурт. Исто така, како причина за некористење на велосипедот како превозно средство може да биде и самиот терен во Ерфурт, кој во некои делови на градот е ридест.

Трамваи и автобуси

[уреди | уреди извор]
Трамвај близу плоштадот Ангер

Јавниот превоз во Ерфурт е покриен преку широка трамвајска мрежа, создадена во 1883 и проширувана низ годините, најмногу од 2000 година. Денес, постојат шест линии кои возат на секои десет минути. Дополниелно постои и автобуски превоз, кој ги поврзува останатите окрузи на градот. Обата система се управувани од SWE EVAG, компанија поседувана од градот. Биле користени тролејбуси во периодот од 1948 до 1975.

Универзитети

[уреди | уреди извор]

Универзитет за применети науки Ерфурт

[уреди | уреди извор]

Универзитетот за применети науки Ерфурт бил основана во 1991. Тој се одликува со комбинација на научна обука и негова практична примена. Во зимскиот семестар 2008/09 студирале околу 4600 студенти.

Факултети

[уреди | уреди извор]
  • Факултет за социјални работи
  • Факултет за бизнис, логистика и транспорт
  • Факултет за пејзажна архитектура, хортикултура и шумарство
  • Факултет за архитектура
  • Факултет за градежништво и конзервација/реставрација
  • Факултет за услужен станбен инжинеринг и компјутерски науки

Универзитет Ерфурт

[уреди | уреди извор]

Универзитетот бил основан во 1994 и со тоа тој најмладиот јавен универзитет во Германија. Тој се гледа себеси во традицијата на историскиот Универзитет, кој постоел од 1392 до 1816. Историскиот универзитет се смета за трет најстар универзитет во Германија (по Хајделберг (1386) и Келн (1388)). Во зимскиот семестар 2008/09 студирале околу 4700 студенти.

Факултети

[уреди | уреди извор]
  • Факултет за филозофија
  • Факултет за политички науки
  • Ликовна академија
  • Факултет за образование
  • Факултет за католичка теологија
  • Школа Макс Вебер

Збратимени градови

[уреди | уреди извор]

Ерфурт е збратинет со:

  1. „Население по општини, надлежни општини и општински заедници во Тирингија“. Статистичка служба на Тирингија. јуни 2023. (германски)
  2. Хајнемајер, Карл (2004). „Бонифациј во централна Германија“. Во Харди Ајдам, Марина Мориц, Герд-Рајнер Ридел, Кај-Уве Ширц (уред.). Бонифациј: Хајденопфер, Христускројц, Ајхенкулт (германски). Штатфервалтунг Ерфурт. стр. 73–87. |access-date= бара |url= (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на уредници (link)
  3. Шмит, Христоф Г. (2004). „Во посета на Меровинзите: Политичка и општествена структура во Тирингија од 6 до 8 век“. Во Харди Ајдам, Марина Мориц, Герд-Рајнер Ридел, Кај-Уве Ширц (уред.). Бонифациј: Хајденопфер, Христускројц, Ајхенкулт (германски). Штатфервалтунг Ерфурт. стр. 39–56. |access-date= бара |url= (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на уредници (link)
  4. Stanton, Shelby, World War II Order of Battle: An Encyclopedic Reference to U.S. Army Ground Forces from Battalion through Division, 1939-1946, Stackpole Books (Revised Edition 2006), p. 150
  5. Kottek, M.; J. Grieser, C. Beck, B. Rudolf, and F. Rubel (2006). „World Map of the Köppen-Geiger climate classification updated“ (PDF). Meteorol. Z. 15 (3): 259–263. doi:10.1127/0941-2948/2006/0130. Посетено на 22 јануари 2013.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  6. Peel, M. C. and Finlayson, B. L. and McMahon, T. A. (2007). „Updated world map of the Köppen–Geiger climate classification“. Hydrol. Earth Syst. Sci. 11: 1633–1644. doi:10.5194/hess-11-1633-2007. ISSN 1027-5606.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link) (direct: Final Revised Paper)
  7. „Светска метеоролошка информативна служба - Ерфурт“. Светска метеоролошка организација. Архивирано од изворникот на 2023-01-23. Посетено на 22 јануари 2013. (англиски)
  8. Lehmann, Hartmut. "Weber's Protestant Ethic". Cambridge University Press, 1995. 118.
  9. „Германска поставка на вердиевиот Бал под Маски на 11 Септемвери со голи учесници во маски на Мики Маус“. Дејли Телеграф. Лондон. 11 април 2008. Посетено на 2 мај 2010.
  10. „Калиш службена страница - збратимени градови“ (полски). Архивирано од изворникот на 2011-09-25. Посетено на 2008-11-29.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]