Долни Дисан
Долни Дисан | |
Поглед на Долни Дисан | |
Координати 41°25′40″N 22°05′44″E / 41.42778° СГШ; 22.09556° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Неготино |
Население | 891 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1443 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 18009 |
Надм. вис. | 280 м |
Слава | Арангеловден |
Долни Дисан на општинската карта Атарот на Долни Дисан во рамките на општината | |
Долни Дисан на Ризницата |
Долни Дисан — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото Долни Дисан се наоѓа во непосредната близина јужно од градот Неготино, на оддалеченост од околу 8 (13) километри по асфалтиран автомобилски пат кој води преку селото Тимјаник. Долни Дисан е сместено во северниот дел на областа Витачево,[2] односно на допирот на подножјето на оваа висорамнина со дното на Тиквешката котлина.
Сместено е во долот на Дисанска Река во подножјето на ридот Венец висок 409 метри, кој се издигнува над нејзиниот лев брег. Долни Дисан е расположено на надморска височина од 280 метри[2], од сите страни опкружен со претежно ридско земјиште на кое се наоѓаат бројни лозови насади. Опкруженоста со ридови погледната од повисоко има изглед на Венец поради што ридскиот предел го носи тоа име. Во селото има десетина бунари и чешми со многу убава и студена вода.[3] Една од најсилните чешми се нарекува Малавица, а останати се Горна, Долна и други.[4] За нивната вода постои предание дека дотекува од планината Кожуф откако Крали Марко со својот меч направил повеќе процепи сè до Демир Капија и така ја пуштил водата да тече во Тиквешијата.[4]
Поради честите големи штети што ги предизвикувала Дисанска Река при своите надоаѓања, куќите се повлечени понастрана од нејзините брегови и се поделени во Баково, Горно, Долно и Средно Маало од нејзината лева и Оџино од нејзината десна страна. Атарот е мошне голем и се допира до територијата на Општина Кавадарци при што зафаќа простор од 30,8 км2 на кои обработлвото земјиште зазема површина од 1.363,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1.511,7 ха, а на шумите само 29,1 ха.[2]
На делови од атарот на селото има солена почва која нуди идеални услови за сточарство[4], а која пак е остаток од геолошките промени кога во минатото овие простори биле под морска вода. На потегот Змијавец[4], се пронајдени мамутски и фосилни остатоци од коски од камили, жирафи, лавови, хиени, мастодонти (предци на слоновите) и трипрсни коњи (хипариони), стари десет милиони години. Околу врвот на ридот Венец, западно од селото има слаба пошуменост од зимзелени дрвја, додека целиот останат атар на селото е речиси без дрвна растителност со исклучок на неколку дрвја крај реката и во центарот на селото.
Историја
[уреди | уреди извор]Сместено во многу познат крај кој изобилува со многу археолошки наоѓалишта од древната историја, во околината на Долни Дисан население имало уште од најдамнешните антички времиња. Селото Долни Дисан е доста старо село и според историските записи и преданија тоа е постаро од соседното Горни Дисан, кое е основано во XVIII век од жители на Долни Дисан кои избегале и таму се засолниле од чумата. За Долни Дисан меѓу населението се смета дека е староземанско односно е настанало и постоело уште пред доаѓањето на турските поробувачи.[3]
Во тие поодамнешни времиња, сѐ до основањето на Горни Дисан, селото го носело само името Дисан. Кон крајот на XVII век по завршувањето на Карпошевото востание и Австриско-турската војна целиот крај го зафаќаат големи неприлики и промени, одмазднички напади на турските војски, муслиманите и неколку грабачки наезди и упади на Арнаути при што дошло до уништување на тогашното управно средиште на Тиквешијата - гратчето Хоово од каде еден дел од неговото население се преселило во Долни Дисан. Во исто време кон крајот на XVII век настанал голем и насилен процес на исламизација („потурчување“) на многу христијански села во рамнината на Тиквешката котлина, предводен од некојси Карапаша кој од Дебар се населил во Сопот, при што меѓу другите било опфатено и селото Долни Дисан, кое во тоа време се викало само Дисан.[3]
Во 1785 година во Долни Дисан се населил богаташот Махмут-ага од местото Ич Ил Кабаси во областа Конија во Мала Азија при што во 1790 година доселил извесен број свои соплеменици со чија помош подоцна извршил масовна исламизација на македонското население во овој крај.[5] Богаташот Махмут-ага чиј имот со висока кула и широки конаци го чувале голем број платени војници, многу ги малтретирал христијаните во селото терајќи ги да му го пасат добитокот на ангарија, да му носат дрва за горење и вода, им наметнувал свои даноци со единствена цел да го прифатат исламот при што во периодот од 1790 до 1830 година во Долни Дисан биле исламизирани над 200 македонски семејства.[5] Во тоа време важно било да се наметне исламската вера, па така населението си го задржало својот македонски јазик при што со изградбата и на џамија во 1812 до 1820 година биле исламизирани половината жители на селото.[5]
Во XVIII век во целиот предел фатила чумата, при што жителите на селото избегале во збегот под Витачево, каде еден дел од нив го основале селото Горни Дисан, а останатиот дел се вратиле назад.[3] Иако и христијаните и муслиманите биле Македонци и зборувале ист јазик, а некои дури биле и во подалечни роднински врски, сепак поради политичките прилики и изразитата нетрпеливост, христијаните постепено се раселувале. Главна причина за тоа било што христијаните како и муслиманите отпрвин биле на „својско“ (на своја земја), па подоцна вторите ги „опљачкале“.[3]
Околу 1870 година во селото Долни Дисан имало уште околу 60 христијански куќи од семејствата кои се вратиле заедно со муслиманите од збегот.[3] Сепак за период од околу 40 години до крајот на турското ропство меѓу 1912 и 1914 бројот на христијански куќи во Долни Дисан опаднал на само 3.[3] До крајот на турското владеење во селото имало повеќе чифлици и беговски кули, а селаните работеле најмногу како орачи.[3] Додека во селото имало повеќе христијани доста развиено било и сточарството.
Селото Дисан во својот патопис за Тиквеш насловен како „Љубљано-Пеонија“ објавен на 12 февруари 1855 година го споменува и македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот.[6] За време на Балканските војни во 1913 година селото броело 210 куќи при што било запалено и изгорело.[3] Уште за време на Балканските војни во 1912/1913, 36 муслимански куќи избегале од селото во Турција.[3]
По завршувањето на Балканските и Првата светска војна во периодот од 1918 и 1919 година, започнува уште помасовно иселување на муслиманите и доселување на Македонци христијани од повисоките тиквешки „Горни Села“ како Чемерско, Конопиште, Бојанчиште, Бохула, Драдња под планината Кожуф, од областа Мариово како и на Македонци пребегнати или протерани од областа Меглен зад планината Кожуф во Егејска Македонија со нејзиното потпаѓање под Грција.[4]
Во ова време со доселувањето на Македонците христијани од поткожуфските села и областа Меген во егејскиот дел на Македонија е изградена селската црква „Свети Архангел Михаил“.[4] Според градбата црквата наликуван на храмовите во Битолско, Мариово и егејска Македонија и се разликува од оние во останатите цркви во селата во Тиквешијата и Повардарието. До тоа време во селото постоела разрушена христијанска црква. Заклучно со педесеттите и шеесеттите години на XX век, речиси целосно се иселува муслиманското население, а продолжува доселувањето на бројно македонско христијанско население од околните повисоки села Горни Дисан, Вешје и други, при што селото се здобива со својот денешен чисто македонски и христијански лик и непрестајно расте и се развива во голема и уредена населба со повеќе општествени установи.
Диме Поп Атанасов бил учесник во НОБ и е првата жртва на бунтовната Тиквешија, против најновата бугарска окупација од 1941 година (загинува на 11 јуни 1941 година, на само месец и половина од окупацијата на Македонија). Во непосредна близина на селото е смртно погоден Диме Поп Атанасов каде што денес е поставен и негов споменик во негова чест во чест на првата жртва од Тиквешијата во Народнoслободителната борба (НОБ).
Во 2014 година центарот на селото добил партерно хортикултурно уредување со бекатонски коцки, урбана опрема и клупи, скали, жардиниери и др.[7]
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Потеклото и значењето на името Долни Дисан, доаѓа од македонскиот јазик најверојатно од глаголот дише, како што наведуваат толкувањата на преданијата за неговиот настанок. Според предание и толкување прибележано во селото, некој поп од Мариово откако го посетил овој крај раскажувал за местата со најубав воздух, каде најубаво се дише, па оттаму настанало името Дисан.[4]
Во друго предание и толкување прибележано во соседното село Горни Дисан, името Дисан доаѓа поради тоа што околината на селото изобилува со многу вода, која поради испарување (кондензација) прави местото да изгледа како да „дише“.[8]. Со оглед на природно-географските одлики на местоположбата во кои се наоѓаат селата Долни и Горни Дисан вовлечени во долот на Дисанската Река, богат со извори под шумовитите падини на ридот Венец во подножјето на висорамнината Витачево, овие толкувања за дишењето на убавиот воздух и вода, се сосема точни и не се далеку од вистината.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Според составот на атарот селото Долни Дисан има полјоделско-сточарска функција. Убедливо најразвиена стопанска гранка со која се занимаваат сите жители на селото е лозарството. Во целата Тиквешија, Македонија, па и во странсто, Долни Дисан е едно од најпознатите и надалеку прочуени лозарски места со најголемите производители на најдобри и најквалитетни вина и ракии. Селото Долни Дисан е познато и дека во повеќе наврати во поранешна Југославија со медали е одликувано за производство на најдоброто десертно (трпезно) грозје.[9]
На бројните лозови насади се одгледуваат домородните - автохтони сорти како „станушина“, „кратошија“, „вранец“, а многу од винарските визби се снабдуваат со грозје токму од овој реон, а нивниот „вранец“ важи за најквалитетен во Македонија. Селото Долни Дисан уште од дамнина е познато по доцната берба на грозје и производството на „подмрзнато“ или „ледено“ вино. Долни Дисан е исто така познато по неговите специјалитети „маџум“ (практично екстракт од шира), и „рачели“ (сечена тиква, маџум и сусам), специјалитети кои и лекарите ги препорачуваат како лек за жолтица, за јаловост и слично. Се разбира, тука е и гроздовиот мед. Во рамки на земјоделскиот комбинат во селото во 1950 и 1953 е изградена винарницата „Венец“, која денес е во приватна соспственост и вработува 100 луѓе.
Имено, во ова село функционарира земјоделски комбинат „Венец“, чија основна преокупација, во суштина, е грозјето и пред сè наливното вино. „Венец“ од минатата година почнува да се етаблира и како визба која произведува вино во шишиња од брендот - „Дисан“. Голем број на поединечни лозари секоја недела по неколку денови продаваат големи количества вино и ракија на Зелениот и други пазари во Скопје. Покрај лозарството, од земјоделството на доста големи површини се одгледува и жито, најмногу пченица, но исто така и јачмен, претежно на пределот десно од патот. Поголем дел од домаќинствата се занимаваат и со градинарство особено многу со одгледување на патлиџани („домати“).[9] кои се откупуваат и продаваат на големо по пазарите низ Македонија, како и пиперки, кромид, лук, краставици во помали размери.
Поради идеалните почвени и климатски услови значаен дел од населението се занимава со сточарство, најмногу со одгледување на кози и овци. Заради солената почва, бујната трева и топлата клима во овој крај често на зимување се носат стадата од западна Македонија, поради што на влезот од селото, на десниот брег на Дисанска Река наспроти винарницата „Венец“ постојат поголеми трла и сточарски станови за овци.[10] Поради големината и уреденоста на селотово Долни Дисан работат и неколку продавници, ресторани и угостителски објекти, работилници, трговски и занаетчиски дуќани, а на ширината на плоштадот во селото се одржува и мал пазар на кој жителите продаваат од своите земјоделски производи: патлиџани пиперки, кромид итн.
Население
[уреди | уреди извор]Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 950 Македонци.[11]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според пописот од 2002 година во Долни Дисан имало 931 жител, од кои 903 Македонци, 15 Турци и 6 Срби. Во однос на бројот на жителите Долни Дисан е голема населба со позитивно салдо. Во 1961 година селото броело 884 жители, а во 1994 година бројот се зголемил на 991 жител од кои 961 Македонец, 15 Турци и 10 Срби.[2]
Иако е забележан мал пад на населението меѓу двата последни пописи, сепак Долни Дисан во моментов бележи пораст на бројот на жители со прилично голем број на млади луѓе, деца и новороденчиња, што се должи на многу поволните стопанско-економски и инфраструктурни услови. На игралиштето, плоштадот, дворовите и уличките по целото село забележителен е навистина големиот број на деца и млади. Според бројот на жителите Долни Дисан е четврто по големина село во Општина Неготино.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 891 жител, од кои 843 Македонци, 3 Албанци, 32 Турци, 4 останати и 9 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1556 | 320 | 1304 | 1420 | 884 | 967 | 971 | 1009 | 991 | 931 | 891 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
[уреди | уреди извор]Долни Дисан речиси целосно и исклучиво е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Од некогашното муслиманско население се останати уште само 4-5 куќи со претежно стари лица кои живеат во многу добри односи со останатото население, односно Македонците во селото. Најстар македонски род кој живеел уште од основањето во отоманско време па сè до денес се родот Нојкови.[4]
Во 1914 се забележани следните македонски христијански родови чии потомци и денес живеат во Долни Дисан: Пиштоловци и Јанчевци се староседелци кои слават Св. Богородица Пречиста, а родот Цветковци се доселиле од Ракле во средината на XIX век.[3] Македонски родови и семејства кои денес живеат во Долни Дисан се: Трајкови, Димови, Стојанови, Јаневи, Атанасови, Лазови, Јованови, Лалеви, Јошеви, Оѓеви, Бојкови, Џамбазови, Ристови / Ристовски, Јанчеви, Лапчеви, Станоеви, Марковачеви, Шишкови, Шепендиеви, Доневи, Ничкови, Ѓорѓиеви, Колеви, Ќимови, Мицеви, Мајсторови, Тодорови, Мелови и др.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Како поголемо и доста уредено село, во Долни Дисан постојат и работат повеќе објекти на општествени установи:
- ПУ „Гоце Делчев“ - Долни Дисан — целосно деветгодишно основно подрачно училиште со голема обновена училишна зграда во центарот на селото во чиј двор има убаво уредено детско игралиште со лулашки.
- Водна заедница на водостопанството од ХМС „Тиквеш“ — канцеларија на двете водни заедници „Дисан-Тремник“ и „Тимјаник 2“ со седиште во зградата на месната заедница (задружен дом) во центарот на Долни Дисан.
- Клуб на пензионери со седиште во зградата на месната заедница (задружен дом) во центарот на Долни Дисан.
- Месна заедница
- Филијала на Македонска пошта
- Здравствен дом - амбуланта со јавни и приватни ординации
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Долни Дисан, во која покрај селото Долни Дисан, се наоѓале и селата Вешје, Горни Дисан, Прждево и Тремник. Општината Долни Дисан постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1227 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 726 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[19]
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — изградена на место на стара разрушена црква во периодот 1918/1919 со доселувањето на население од поткожуфските тиквешки села и од областа Меглен во Егејска Македонија. Има карактеристичен архитектонски стил на градба, различен од сите црковни храмови во околината.
- Џамии
- Џамија во Долни Дисан — целосно руинирана и од која се останати само минарето и мал дел од главниот објект
- Палеонтошки наоди
Во Природонаучниот музеј велат дека во селото се присутни остатоци од пикермиската фауна и оти селаните нашле коска од камила, стара од пет до десет милиони години. Во близина на Неготино, на околу двесте метри од последната куќа на селото Долни Дисан, месните жители случајно откриле коски од камили, жирафи, лавови, хиени, мастодонти (предци на слоновите) и трипрсни коњи (хипариони), стари десет милиони години. Вработените од Природонаучниот музеј велат дека тоа се остатоци од пикермиската фауна и оти селаните нашле коска од камила, долга околу еден метар, стара од пет до десет милиони години. Селанец што сакал да го прошири патот сосема случајно со рало ги откопал коските. Во неготинскиот крај често се среќаваат остатоци од пикермиската фауна, но овојпат е интересно тоа што покрај многуте мали коски, најдовме една невообичаено голема коска со зглоб и речиси цела шепа од камила. Во Македонија, пикермиската фауна има и свој белег тоа е хипарионот - предокот на коњот кој имал три прсти. Остатоци од пикермиската фауна има во Бугарија, Грција, Романија, Турција, Русија, Германија па дури и во Шпанија. Во земјава често се среќаваат коски од најголемиот цицач мастодонт, но и на антилопи, зебри, хиени, лавови и многу носорзи - вели Гуте Младеновски, кустос во Природонаучниот музеј. Во музејската збирка сега има сочувани прешлени, коски од нозе, ребра и черепи од тој период. Младеновски вели дека ако надлежните обезбедат доволно пари, експертите од Музејот, со мала поддршка од странски експерти, би можеле да го направат и првиот скелет на хипарион или мастодонт со коски стари десет милиони години. На софискиот Универзитет е изложен мастодонт. Скелетот е огромен и изгледа фасцинантно. Вистинско богатство е една земја да има таков скелет.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Прослава на патрониот празник на селската црква „Свети Архангел Михаил“ - Арангеловден, што воедно е и селска слава.
Личности
[уреди | уреди извор]- Ристо Давчевски (р. 1935) — македонски поет, раскажувач, романописец, драмски автор, писател за деца.
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Иселеништво
[уреди | уреди извор]Беше споменато дека уште во 1912/1913 околу 36 куќи се иселиле во Турција, а до шеесеттите години на XX век таму се иселило речиси целото муслиманско население од Долни Дисан кое било со македонско потекло, а меѓу нив имало поисламени староседелци. Македонски мусимански родови кои живееле и се иселиле од Долни Дисан биле: Спаијовци, Чопаловци, Баковци, Хаџи-Зуберовци, Макачевци, Буразерчевци, Пиковци, Рибаровци, Чучуковци, Арифковци, Дашковци-Чамовци, Ѓошковци, Смиланчевци, Станковци, Јуруковци, Пундевци, Џековци, Ленковци, Лебаровци, Крковци и др.[3]
Од македонските христијани доселени во поново време нема поголеми оселувања, освен неколку ретки во Неготино,Тимјаник, Кавадарци и Скопје.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Предната страна на основното училиште „Гоце Делчев“ во селото
-
Влезот на основното училиште „Гоце Делчев“ во селото
-
Влезот во црквата
-
Разурнатата џамија во селото
-
Поглед на некогашната џамија во селото
-
Врвот на минарето
-
Поглед кон џамијата од врвот на спротивниот рид
-
Винарската визба „Венец“ и нејзините помошни објекти
-
Мовче на Дисанска Река
-
Куќа во селото
-
Куќа во селото
-
Куќа во селото
-
Дел од селото
-
Поглед на дел од селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 103.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Радовановиќ, Воислав (1914). Јасминка Јанева (превод) (уред.). Тиквеш и Раец (2011 (превод). изд.). Култура. стр. 185, 204, 331–333.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Според кажување на Ванчо, жител на Долни Дисан, со потекло од Чемерско. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Лиманоски, Нијази (1993). Исламизацијата и етничките промени во Македонија. Скопје: Македонска книга. стр. 45.
- ↑ Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 71
- ↑ „Партерно уредување на центарот во Долни Дисан“. Вечер. 13 февруари 2014. Посетено на 12 април 2015.[мртва врска]
- ↑ Според кажување на Димо Димов (р. 1953) од Кавадарци и Вано Јанев (р. 1951) од Неготино, со потекло од селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015
- ↑ 9,0 9,1 Според кажување на жители на Долни Дисан. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015
- ↑ Според кажување жители на Долни Дисан. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Никола Цибрев на 10 април 2015
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Долни Дисан на Ризницата ?
- Официјално мрежно место на винарницата „Венец“ Архивирано на 29 март 2015 г.
|