Ракија
Бела ракија во чаши и шише | |
Алкохол по волумен | 35%–55% |
---|---|
Состојки | грозје, комина, разно овошје |
Варијанти |
Ракија (срп., хрв., бос. ракија / rakija, буг. ракия, унг. pálinka, алб., тур. raki, ром. rachiu (дијал. răchie), сло. žganje, свк. pálenka ) — жесток алкохолен пијалак популарен на Балканот. Се прави речиси исклучиво од овошје, но постојат и ракии кои се прават и од мед или од ореви. Во индустриското производство вообичаено е процентот на алкохол да биде помеѓу 40 и 45 проценти, но во домашното производство овој процент се движи на пати дури и над 60.
Во Македонија традиционалната ракија е лозовата ракија со процент на алкохол помеѓу 40 и 60 проценти. Во другите земји на Балканот, покрај лозовата ракија, многу често се среќава и сливовата ракија (срп. шљивка) која е особено популарна во Србија. Ракија се прави и од кајсии, круши, јаболка, праски, дудинки и други сочни овошја. Покрај чистата ракија, при процесот на производство може да се додадат најразлични зачини. Особено позната и популарна зачинета ракија е мастиката или узо која содржи анасон и има сладок вкус, а е карактеристична за јужните предели на Македонија и Бугарија и Грција. Друга позната зачинета ракија е т.н. пелинковец кој содржи пелин и има горчлив вкус.
Ракијата обично се консумира во друштво и секогаш со мезе. Не се препорачува пиење ракија „на голо“, т.е. без мезе или само со вода. Како мезе најчесто се користат разни зеленчукови салати (традиционално тоа е шопската салата), иако во Далмација, Црна Гора и Србија неретко како мезе се користат и месни или сувомесни производи (најчесто пршута).
Покрај индустриското производство, ракија се произведува и во рамките на едно домаќинство, за неговите потреби. Многу домаќинства имаат „традиционални“ начини на приготвување на ракијата, специјални места и опрема за чување и складирање на истата кои наводно се пресудни за квалитетот на производот.
Видови ракија
[уреди | уреди извор]Врз основа на суровината од која се произведува
[уреди | уреди извор]- гроздовица – ракија направена од грозје[1]
- комовица или коминарка – од гроздово комиње[2][3]
- вишновка – ракија или ликер од вишни[4]
- дренковица – ракија од дренки[5]
- дудинкова ракија – ракија направена од дудинки
- крушовица – ракија направена од круши[6]
- мастика – ракија што се добива од смола од средоземно дрво и анасон[7]
- сливка или сливовица – сливова ракија[8][9]
Врз основа на додатоците
[уреди | уреди извор]- анасонка – ракија зачинета со анасон[10]
- блага ракија – ракија подготвена со шеќер што се служи при свадбен обичај
- евловица – ракија во која е ставено евлово гранче[11]
- пелинковец – ракија со пелин[12]
Врз основа на начинот на подготовка
[уреди | уреди извор]- превареница, препеченица или препек – ракија добиена со преварување[13][14]
Производство и потрошувачка на ракија во Македонија
[уреди | уреди извор]Во април 2014 година, жолтата лозова ракија со ознака "VS" на винарската визба „Тиквеш“ била наградена со златен медал за виок квалитет на меѓународниот натпревар на вина и жестоки пијалаци, одржан во Пловдив. Оваа ракија, со јачина од 45 степени, се произведува на природен начин, од гроздов дестилат кој стареел повеќе од пет години, чуван во дабови буриња.[15]
Прометот на ракија во 2017 година изнесувал 2,2% од вкупниот промет на алкохолни пијалаци.
Полнолетните македонски граѓани во 2017 година испиле по 0,9 литри ракија.[16]
Ракијата како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]Ракијата како тема во македонското народно творештво
[уреди | уреди извор]- „Вино пијам, ем ракија“ - македонска народна песна
- „Од ракија боли грбот“ - македонска народна приказна
Македонски народни поговорки за ракија[17]
[уреди | уреди извор]- Да не даваш милостина вино и ракија, оти грео не ти се проштаа.
- Како што се арџат пари за вино и ракија, така да се арџеа и за наука, не ќе тргаа сиромасите мака.
- Мртоец да вардиш и ракија да вариш, не треба да спиеш.
- Поминал низ меана и ич не се напил ракија, само ја мириснал.
- Пријатели има и за чаша вино и ракија.
- Ракија и вино со пари го пиет, водата бадијала ет и не пиет.
- Умнио чоек ако пие вино и ракија, ама умо не си го пиет.
- Сирење без дупчиња, леб со дупчиња, вино без пена и раќија со пена секогаш се арни.
- Ако носиш од једна страна раќија, од другата носиш ќотек.
- Малечко зрно е леблебија, ама го јадат по раќија.
- Од вино и раќија нема прокопција.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „гроздовица“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „комовица“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „коминарка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „вишновка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „дренковица“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „крушовица“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „мастика“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „сливка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „сливовица“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „анасонка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „евловица“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „пелинковец“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „превареница“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „препек“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ "Злато за жолтата на "Тиквеш", Дневник, година XVIII, број 5439, петок, 11 април 2014, стр. 12.
- ↑ За виното низ бројки на семрежното место на Заводот за статистика на Република Македонија
- ↑ „Македонски пословици“. Посетено на 28 јуни 2019.