Роалд Амундсен
Роалд Амундсен | |
---|---|
Роден(а) | Роалд Енделбрегт Гравнинг Амундсен 16 јули 1872[1] Борге, Естфол, Норвешка |
Националност | Норвежанец |
Занимање | Истражувач |
Познат(а) по | Прва експедиција на Јужниот Пол и прелет на Северен Пол, првиот кој пловел по Северозападниот Премин |
Родители | Јенс Амундсен, Хана Салквист |
Награди | Медал Хубарт (1907) Медал Чарлс П. Дејли (1912) Медал Вега (1913) |
Потпис |
Роалд Енгелбрегт Гравнинг Амундсен (норвешки: Roald Engelbregt Gravning Amundsen; 6 јули 1872 – о. 18 јуни 1928) — норвешки истражувач на поларните региони. Како водач на Антарктичката експедиција од 1910-1912 г, станал првиот човек кој стигнал до Јужниот Пол (14 декември 1911) и бил клучен експедициски водач во тек на херојското доба на истражување на Антарктикот. Во 1926 година, тој бил првиот водач на експедиција за прелет на Северниот Пол, со што станал првиот човек кој стигнал на двата пола.[2][3] Познат е и по експедицијата за поминување на Северозападниот приод (1903-06) на Арктикот.
Исчезнал во јуни 1928 година учествувајќи во мисија за потрага и спасување на италијанскиот аеронаутички инженер и истражувач Умберто Нобиле.
Животопис
[уреди | уреди извор]Роалд Амундсен е роден во семејство на норвешки бродосопственици и капетани во Борге, помеѓу градовите Фредрикстад и Сарпсборг, во Норвешка, како четврти син на Јенс Амундсен и Хана Салквист. Неговата мајка сакала тој да не се занимава со поморска трговија и го охрабрувала да стане доктор, ветување кое Амундсен го одржувал сè до смртта на мајка му која починала кога тој бил на возраст од 21 година. Тој се откажал од универзитетот и одбрал да живее на море.[4]
Неговата скриена доживотна желба била инспирирана од преминувањето на Фритјоф Нансен на Гренланд, во 1888 година и од последната експедиција на Џон Френклин. Тој решил да живее интензивно истражувајќи ги местата каде никој не бил[5].
Поларни експедиции
[уреди | уреди извор]Експедицијата на Белгика, 1897-1899
[уреди | уреди извор]Во 1896 година, Белгијанец, по име Адриен де Жерлаш од Гомерли, којшто подготвувал експедиција за научно истражување на Антарктикот, во Норвешка купил брод за ловење фоки којшто го нарекол Белгика. Тој составил своја меѓународен екипаж во кој се вклучил и Роалд Амундсен.
Бродот Белгика запловил од Антверпен на 16 август 1897[6] и стигнала до Греамовата Земја во јануари 1898. Таму, Амундсен учествувал во неколку истражувања на копното со своите скии и бил првиот кој го користел тоа на Антарктикот. Во март, бродот бил заробен во мраз во Белингсхаузеновото Море[7] кај Александровиот Остров, западно од Антарктичкиот Полуостров, на 70° 30'S и шест месеци зимувал пред да се врати во Белгија. Тоа било првото презимување на Антарктикот[8].
Во текот на оваа прва голема експедиција, Роалд Амундсен изградил силно пријателство со лекарот на бродот, Американецот Фредерик Кук, кој изиграл најзначајна улога за успешното презимување на бродот. Според Амундсен, Кук го спасил екипажот од скорбут со тоа што го хранел со сурово месо од пингвини.[7] Кук кој заедно со Роберт Пири го поминал северниот дел на Гренланд, му кажал бројни информации за Ескимите, нивните техники за заштита од студот како и за нивното патување со кучиња кои влечат санки.
Северозападен приод, 1903-1906
[уреди | уреди извор]Откако се вратил во Норвешка и добил сертификат за капетан, Амундсен ја подготвил својата прва лична експедиција. Преминување на Северозападниот приод (затворен од мраз кој го поврзува Атлантикот со Тихиот Океан преку големиот канадски север до Беринговиот Проток). Откриен по копнен пат во 1822 година, тој никогаш не бил поминат по морски пат. Многу истражувачи се обиделе да го поминат овој морски премин: Жан Кабо, Жак Картие и Хенри Хадсон, како и трагичната експедиција на Џон Френклин во средината на XIX век.
За својата експедиција, Амундсен во декември 1900 се запознал со истражувачот Фритјоф Нансен, кој го охрабрил и го поддржал проектот. Тој дури и го дополнил со повеќе научни истражувања: северниот магнетен пол.
Амундсен ги продал своите акции од семејниот бизнис и запловил со шестмина членови на екипажот на 47-тонски рибарски брод, Јоа, кој имал мал мотор.[9] Испловил на 16 јуни 1903 година, потонат во долгови. Тие пловеле преку Бафиновото Море, теснецот Ланкастер и Пилскиот теснец, како и теснецот Рос и Реј.
Наместо да тргне на запад од островот Крал Вилијам како што направил Џон Френклин, тој одлучил да го следи источниот брег[7]. На 9 септември, тој го закотвил Јоа на јужниот брег на островот Крал Вилијам и презимил две години во заливот што го нарекол Јоа Хејвен (денес во Нунавут, Канада)[9][10].
За време на овој долг период, зафатен со магнетни мерења, тој се приближил до ескимската населба Нетилик и трпеливо ги учел техниките на Инуитите за кои му раскажувал Фредерик Кук, како и нивниот јазик. Научил да води кучиња на санки и да носи крзнена облека од Далечниот север. По третата зима во мразот, успеал да се пробие низ Бофортовото Море и продолжувајќи јужно од островот Викторија, го напуштил Канадскиот Арктички Архипелаг на 17 август 1905 година, станувајќи првиот што го пробил Северозападниот приод. Пред да можел да продолжи во Ном, на тихоокеанскиот брег на Алјаска, тој морал да застане на презимување. Во најблиската телеграфска станица во Игл Сити, на 800 километри, Амундсен се вратил по истиот пат назад низ територијата за со порака да му го објави на светот успехот на неговата експедиција. Пораката била испратена по телефон на 5 декември 1905 година. Тој конечно пристигнал во Ном во 1906 година.
На Алјаска, Роалд Амундсен дознал дека Норвешка станала независна од Шведска и добила свој крал и испратил порака до Хокон VII со која се пофалил за "подвигот на Норвешка".
Северозападниот приод бил преминат, но брзо бил напуштен поради тешкотиите при пловидба. Не бил поминат до 1977 година кога едрилицата, Виливавос и нејзиниот капетан, Вили де Роос, не го обновиле подвигот на Амундсен[11].
Еспедицијата на Јужниот Пол, 1910-1912 г.
[уреди | уреди извор]Сонот на Амундсен бил освојувањето на Северниот Пол. Во тоа време поларните експедиции биле во полн замав и со дух на конкуренција помеѓу нациите, како за Северниот Пол (Пири, Кук, Амундсен), така и за јужниот (Скот, Шеклтон).
На 1 септември 1909 година, Фредерик Кук објавил дека стигнал до Северниот Пол на 21 април. Шест дена подоцна, Пири објавил дека стигнал до Северниот Пол на 6 април. Големата контроверзност околу Северниот Пол започнала.
Роберт Фалкон Скот подготвувал експедиција, врз основа на белешки и мапи за отворен пат кон крајот на 1908 година и почетокот на 1909 година, од страна на Ернест Шеклтон, неговиот поранешен поручник на експедицијата Дискавери (1901-1904) којшто ја предводел експедицијата, Нимрод. Шеклтон бил принуден да се врати на 9 јануари 1909 година, на 180 километри од Јужниот Пол. Затоа, Скот ги забрзал подготовките за одење на полот. Амундсен за кратко време ги дознал вестите за освојувањето на Северниот Пол, слушнал за експедицијата што ја подготвувал Скот и го сменил планот тргнувајќи кон освојување на Јужниот Пол[12]. Таквата одлука ја држел во тајност и за неа знаеле само брат му и неговиот прв офицер
На 3 јуни 1910, неговиот брод Фрам официјално запловил од Кристијанија — денешно Осло[12][13]. Кога стигнал во Мадера, Амундсен го известил екипажот за промена на одредиштето и му испратил телеграма на Скот.
На 14 јануари 1911, наместил базен камп, кој го нарекол Фрамхајм, на подвижниот ледник во Заливот на китовите источно од Росовата Ледена Плоча на Антарктикот. Амундсен погрешно верувал дека ледникот ќе остане на цврсто тло и дека ќе биде безбеден[14]. Кога Тера Нова, бродот на Скот, навлегол во Заливот на китовите, тие го виделе бродот Фрам на Амундсен и на норвешката експедиција заедно со 130 кучиња. Скот кампот го поставил на 700 километри западно од кампот на Амундсен кај ‘ртот Еванс.
Користејќи ги кучињата за санки, Амундсен и екипажот создале складишта за храна на 80°, 81° и 82° јужно во права линија кон полот.[4] После еден прекинат обид на 8 септември 1911, на 19 октомври Амундсен, Олав Бјаланд, Хелмер Хансен, Свере хасел и Оскар Вистинг тргнале со 4 санки и со 52 кучиња. Отворајќи дотогаш непознат пат на ледникот Аксел Хајберг, тие пристигнале на Поларната Висорамнина на 21 ноември, по 4 дена искачување. На 14 декември, во 15 часот стигнале на Јужниот Пол. Скот тогаш бил 572 километри подалеку и му требале уште 33 дена за да пристигне.
Амундсен, нивниот камп на Јужниот Пол го нарекол Полхајм, куќата на полот. Ја преименувал Поларната Висорамнина во „Висорамнина на Хокон VII“. Тој и останатите таму оставиле мал шатор и писмо адресирано до кралот Хокон каде го раскажале нивниот подвиг во случај да загинат на пат до Фрамхајм. Преживеале и се вратиле на 25 јануари 1912, со 11 кучиња откако изминале 2824 км за 94 дена (56 за одење, 38 за враќање) или во просек 30 км на ден.
Успехот на експедицијата на Амундсен се случил поради добрата подготовка, и тој самиот за истата рекол:
Можам да кажам дека најголемиот фактор за ова е - начинот на кој е опремена експедицијата - начинот на кој се предвидува секоја тешкотија и преземените мерки на претпазливост за исполнување или избегнување на тоа. Победата го чека оној кој има сè што треба - луѓето тоа го нарекуваат среќа. Поразот е сигурен за оној кој занемарил да се погрижи за себе - и тоа се нарекува лоша среќа.
- од Јужниот Пол од Роалд Амундсен[15]
Последните истражувања
[уреди | уреди извор]Кога Фрам остарел, Амундсен подготвил нов брод, Мод. Во 1918 година, на овој број, го преминал Североисточниот приод отворен во 1879 година од страна на Швеѓанецот Нилс Густаф Норденшелд, станувајќи првиот човек што ги преминал двата митски приоди на Арктикот.
Воздухопловството го привлекувало. Тој ја добил дозвола за пилот во 1918 година. Во 1923 година, планирал да се обиде да го прелета Северниот Пол, но неговиот авион се урнал неколку дена пред заминувањето. Американски милионер, Линколн Елсворт, тогаш предложил да го финансира проектот под услов да биде дел од истиот. Во мај 1925 година, Амундсен, Елсворт и пилотот Јалмар Ризер Ларсен (заедно со уште тројца членови на екипажот) полетале од Спитсберген на два хидроавиони, N-24 и N-25, и полетале пред да се случи катастрофа на 87 ° 44 ' северно.[16] Авионите се спуштиле на мразот неколку километри еден од друг, но екипажите успевале да се сретнат. На N-24 бил премногу оштетен, тие работеле три недели за да се создаде пистата. Биле пречекани триумфално, јавноста мислела дека се исчезнати засекогаш.
Следната година, во 1926 година, Амундсен, Елсворт, Ризер Ларсен, Вистинг и инженерот за воздухопловство, Умберто Нобиле, одлучиле да се обидат да прелетаат со дирижабл (Италија го понудила леталото под услов Нобиле да биде дел од екипажот). Норж, дизајниран од Нобиле, го напуштил Свалбард на 11 мај 1926 година, го прелетал Северниот Пол во 01:30 часот и пристигнува во Телер во Алјаска два дена подоцна.
Трите тврдења за првото патување кон Северниот Пол (Кук 1908, Пири 1909 и Бирд 1926 - последниот само неколку дена пред Норж), се спорни, или заради географска неточност или заради обвинувања за лажење, па некои го сметаат патувањето на Норж како прво што навистина стигнало над легендарната точка 90°N. Така, Амундсен и Вистинг се првите луѓе што стигнале до двата пола.
Исчезнување и смрт
[уреди | уреди извор]Амундсен исчезнал со петмина членови на екипажот на 18 јуни 1928 година додека летал на мисија на Арктикот. Неговиот тим ги вклучувал норвешкиот пилот Лајф Дитрихсон, францускиот пилот Рене Гилбо и уште тројца други Французи. Тие барале исчезнати членови на екипажот на Нобиле, чија нов авион "Италија" се урнал додека се враќал од Северниот Пол. Потоа, во близина на брегот на Тромсо, бил пронајден резервоарот за бензин од францускиот авион Латам 47 на Амундсен. Се верува дека авионот се урнал во Баренцовото Море и дека Амундсен и неговиот екипаж загинале во несреќата или умреле кратко потоа. Барањето на телата на Амундсен и тимот било отповикано во септември 1928 година од страна на норвешката влада, а телата никогаш не биле пронајдени.
Во 2004 година и кон крајот на август 2009 година, Кралската норвешка морнарица користела беспилотната подморница Хугин 1000 за да го побара остатоците од авионот на Амундсен. Пребарувањата се фокусирале на површина од 40 квадратни милји (100 км2) на дното на моретои биле документирани од германската продукциска компанија КонтекстТВ.[17] Тие не пронашле ништо од авионот на Амундсен.
Портрети
[уреди | уреди извор]-
Како дете во 1875
-
1899
-
1908
-
1909
-
North Pole expedition, 1920
Мапи
[уреди | уреди извор]-
Арктик: 1903 Северозападен приод, 1918 Северозападен приод и 1926 Лет над Северен Пол
-
Антарктик: Патиштата на Амундсен на Јужниот Пол (црвено) и на Скот (зелено), 1911–1912.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Roald Amundsen's Belgica Diary. The first Scientific Expedition to the Antarctic by Hugo Decleir, Bluntisham Books, Erskine Press.
- The Last Place on Earth: Scott and Amundsen's Race to the South Pole by Roland Huntford, 1979.
- Roald Amundsen, a full biography by Tor Bomann-Larsen, 2006, ISBN 0-7509-4343-2
- Scott and Amundsen – Duel in the Ice by Rainer-K. Langner, Haus Publishing, London, 2007, ISBN 978-1-905791-08-8
- The Last Viking – The Life of Roald Amundsen : conqueror of the South Pole by Stephen Bown, Aurum Press Ltd, London, 2012, ISBN 978-1-84513-844-8
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Østfold county, Borge in Borge, Parish register (official) nr. I 6 (1861–1874), Birth and baptism records 1872, page 114“. Посетено на 25 July 2012.
- ↑ "Roald Amundsen and the 1925 North Pole Expedition". Historynet.com.
- ↑ "Roald Amundsen" Архивирано на 15 јануари 2010 г.. PBS.org.
- ↑ 4,0 4,1 1888-1970., Thomas, Henry ([1972, ©1954]). Living adventures in science. Freeport, N.Y.: Books for Libraries Press. ISBN 0836925734. OCLC 200196. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link) - ↑ Amundsen, Roald (1927). My Life as an Explorer. Garden City, N.Y.: Doubleday, Page & company.
- ↑ "Adrien de Gerlache"
- ↑ 7,0 7,1 7,2 (fr) Pierre Vernay, « Amundsen, tout schuss vers le sud » dans Historia, juillet 2007, pp. 66-69
- ↑ (англиски) Article « Roald Amundsen » dans The Houghton Mifflin Dictionary of Biography, Houghton Mifflin Reference Books, 2003, , ISBN 061825210X
- ↑ 9,0 9,1 1905-2001., Derry, T. K. (Thomas Kingston) (2008, ©1979). A history of Scandinavia : Norway, Sweden, Denmark, Finland and Iceland. Minneapolis: University of Minnesota Press. ISBN 0816637997. OCLC 757764817. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link) - ↑ Company., Houghton Mifflin (2003). The Houghton Mifflin dictionary of biography. Boston: Houghton Mifflin. ISBN 061825210X. OCLC 51518594.
- ↑ de., Roos, Willy (1979). Le Passage du Nord-Ouest : du Groenland au détroit de Béring. Paris: Arthaud. ISBN 2700302575. OCLC 5650293.
- ↑ 12,0 12,1 (англиски) Paul Simpson-Housley, Antarctica: Exploration, Perception and Metaphor, Routledge, 1992, pages 24-37 ; ISBN|0415082250
- ↑ (англиски) Roald Amundsen, The South Pole : An Account of the Norwegian Antarctic Expedition, L. Keedick, 1913,
- ↑ R. Huntford (1979) Scott and Amundsen
- ↑ The South Pole: An Account of the Norwegian Antarctic Expedition in the 'Fram,' 1910–12 (1912).
- ↑ Carte de 1925 du trajet suivi par Amundsen Artivision.fr
- ↑ Rincon, Paul (24 August 2009). "BBC". BBC News. Retrieved 11 March 2010.
|
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Роалд Амундсен“ на Ризницата ? |
- Роалд Амундсен — Енциклопедија Британика (англиски)
- The Fram Museum (Frammuseet)
- Роалд Амундсен напис на south-pole.com
- Кратка биографија од Министерство за надворешни работи на Норвешка
Дела на Амундсен
- Дела од Роалд Амундсен на проектот „Гутенберг“
- Дела од или за Роалд Амундсен на Семрежниот архив
- Дела од Роалд Амундсен на LibriVox (аудиокниги во јавна сопственост)
- Јужен Пол Arthur G. Chater's 1912 англиски превод (HTML)