Nothing Special   »   [go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Соколско друштво - Кавадарци

Од Википедија — слободната енциклопедија

Соколско друштво - Кавадарци — основано на 22 јануари 1928 година.[1]

Почетоци

[уреди | уреди извор]

Првите почетоци на појава и активност на Соколскиот спорт како физичка активност датирале од 1919 година со отворањето на нижата реална гимназија. Оваа организација имала пансловенски карактер и во главно била прифатена од словенските земји. Првото училишно соколско друштво во Кавадарци било формирано во 1921 година, а кавадаречките соколи својот прв јавен настап го имале на 4 јули 1923 година на ширината кај денешниот градски парк.[1]

Васил Дубров - спортски работник, истакнат член на Соколското друштво од Кавадарци.

За многу кратко време овој спорт ги заинтересирал младите во градот. Првото градско Соколско друштво било основано на 22 јануари 1928 година, по иницијатива на Гоцо Мазев, Глигор Ресавски, Страшо Тентов, Ило Угуров, Драгослав Николиќ и други.[1]

Во зависност од возраста и постигнатите резултати во овој спорт постоеле категории. Најмладите членови се нарекувале „нараштајци“, а по три години активно занимавање со овој спорт добивале назив „брат“ кај мажите или „сестра“ кај жените. Најталентираните соколи биле испраќани на специјални курсеви по гимнастика во Скопје, каде се стекнувале со титулата „предњак“ или „челник“.[1] Димо Димовски се истакнал како врвен гимнастичар, по што се здобил со звањето Предњак.[2]

Особено голем успех соколите од Кавадарци постигнале во 1931 година кога на поединачното првенство на Вардарската бановина во лесна атлетика (трчање на 100 метри, фрлање на копје и ѓуле) и гимнастика (вратило и разбој) Диме Поцев го освоил првото место, а Васил Дубров второто место.[1]

Најпознати соколи биле: Васил Дубров, Диме Поцев, Јован (Вано) Костов, Н.Игнатов, Т.Кимов, Т.Јанаќиев, Т.Илиев, Димо Димовски, СтрашоТентов, П.Казанџиев, Д.Чемерски и други, а меѓу жените: Р.Митрева, С.Ралева, М.Сеизова, Р.Минчева, С.Чемерска, Т.Чејкова и други.[1]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Уневски (31 јануари 2013). „85 години од формирањето на соколското друштво во Кавадарци“. kavadar4e.com. Архивирано од изворникот на 21 јуни 2024. Посетено на 21 јуни 2024.
  2. Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-галерија - Кавадарци. стр. 412–413. ISBN 978-608-4621-04-1.