Хидрониум
Хидрониум е често име за водородниот катјон H3O+ кој се добива од протонацијата на водата.
Според номенклатурата на МСЧПХ, овој јон треба да се именува како оксониум. Исто така се препорачува и името хидроксониум.
Хидрониумот е јон кој се добива од водна молекула во присуство на водородни јони. Овие хидрони не постојат во слободна состојба - тие се многу реактивни и се раствораат во вода. Извор за овие хидрони е главно некоја киселина, но додека водата може да се однесува и како киселина, хидрониум јонот постои и во чистата вода. Овој посебен случај при којшто вода реагира со вода за да образува хидрониумски (а и хидроксидни) јони се нарекува автојонизација на водата. Притоа образуваните хидрониуми се малку на број и краткотрајни.
Хидрониумот е многу кисел - на 25 °C, неговата pKa вредност е -1,7. Тој е најкиселата фундаментална честичка што може да постои во водата - секоја појака киселина ќе ја јонизира и протолизира водната молекула за да се образува хидрониум јон. Киселоста на хидрониум јонот е точен стандард кој се користи за да се процени јачината на некоја киселина во вода: јаките киселини мораат да бидат подобри протон-дарители отколку хидрониумот, инаку значаен дел од киселината ќе постои во нејонизирана состојба. За разлика од хидрониумите кои се резултат на водната автодисоцијација, овие хидрониум јони се подолготрајни и концентрирани, во пропорција со силата на растворената киселина.
pH вредноста на еден раствор е мерка за неговата протонска концентрација. Додека овие протони реагираат со водата за да образуваат хидрониуми, киселоста на водниот раствор е определена со неговата хидрониумска концентрација.