Футуризам
Футуризам е правец во уметноста, радикална варијанта на експресионизмот. Настанал во Италија, во почетокот на XX век, а основач е Филипо Томазо Маринети со својот „Манифест на футуризмот“ од 1909 година.
Почетоци и идеја
[уреди | уреди извор]Како и експресионизмот, футуризмот ги негирал сите традиционални форми во историјата на уметноста, филозофијата и културата, како и во јавниот и во политичкиот живот, барајќи конечно раскинување со минатото. Маринети ја засновал новата уметност во ритамот и тенденциите на модерната, машинска цивилизација: на енергијата и лудата смелост, дрскост и побуна, на брзината од тркачкиот автомобил и авионот, на убавината и занесот на борбата, на пламенот на војната „кој претставува единствена хигиена на светот“. Во оваа последна точка футуризмот се разликува од останатите правци, но и од рускиот футуризам, во кој има изразено антивоено расположение. За руските футуристи „војната е зло“. Милитаристичко-воената и националистичко-освојувачката платформа го доведуваат футуризмот во крилото на италијанскиот фашизам, кој и официјално го прогласил футуризмот за свој уметнички израз.
Футуризмот имал многу повеќе уметничко-креативни црти во Русија, каде го претставувале двајца големи поети: Велимир Хлебников и Владимир Мајаковски. Рускиот футуризам во еден свој тек имал изразено револуционерен карактер, а со италијанскиот футуризам имал заедничко само некои формално-изразни елементи.
Футуризмот имал одек и во Украина, Полска, Унгарија, Шведска, Финска, Шпанија и во Америка.
Манифестот на Маринети
[уреди | уреди извор]Маринети напишал еден манифест на футуризмот, во Фибера, Франција, кој се состои од неколку точки што треба да бидат закон на овој правец. Она што е најважното во манифестот на Маринети е повикот да се отфрли минатото, да се запалат музеите, библиотеките, академиите и да се почне од ново. Сè што е од пред него е безвредно, неупотребливо за едно ново динамично време. Тој манифест на Маринети се јавува како зародиш на сите оние апсолутни негации со кои се одликуваат многуте модернистички правци, што се раѓаат во занесот на фанатизмот.
Во манифестот се нагласува дека војната е „најголемата хигиена на човештвото“. Футуристите-милитаристи се значајни со тоа што навистина бараат да се ослободи поетскиот разум од стегнатите рамки со кои се одликува класичниот стих. Футуристите го негуваат т.н. „слободен стих“.
Руски футуризам
[уреди | уреди извор]Речиси без задоцнување после италијанскиот футуризам се појавува рускиот футуризам. Родоначелници се Велимир Хлебников и Владимир Мајаковски, кои објавуваат „шамар на општествениот вкус“. И тие се залагаат за тоа да се изрази динамичноста на новото време. Песните да проговорат со шумот на големите градови и големите улици. Во еволуцијата на поетскиот збор, тие многу придонеле за внесување на нови мотиви.
Полски футуризам
[уреди | уреди извор]Полските футуристи биле тесно поврзани со сликарите од групата на т.н. „формисти“. Тие им се спротивставиле на „сите принципи кои го кочат поетското творештво“, ги отфрлиле сите поставки на романтизмот, симболизмот и експресионизмот, се залагале за отфрлање на логиката, се стремеле кон апсурдот и ја негувале психолошката фантастика. Најзначајни претставници на полскиот футуризам се: Бруно Јасјењски, Титус Чежевски, Станислав Млодожењец, Анатол Стерн и Александер Ват).[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Petar Vujičić, „Predgovor“, во: Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 7-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Футуризам“ на Ризницата ? |
- Exhibition Futurism and After: David Burliuk, 1882-1967 The Ukrainian Museum in New York, USA. October 31, 2008 - March 1, 2009
- Italian Futurism News Архивирано на 1 април 2021 г.
- Centenary exhibition at the Quirinale, Rome, opening 20 February 2009 Архивирано на 26 јануари 2009 г.
- Futurism: Manifestos and Other Resources
- The Futurist Moment: Howlers, Exploders, Crumplers, Hissers, and Scrapers Архивирано на 8 април 2005 г. by Kenneth Goldsmith
- 1910 Futurist Movement Manifesto Архивирано на 10 мај 2008 г.
- Encyclopedia Britannica Futurism entry
- The influence of Futurism on sport design Архивирано на 14 јули 2011 г.
- The Chicago Neo-Futurists
- The New York Neo-Futurists
- VIVA IL FUTURISMO! Scientific, artistic and multimedial contributions about Futurism
- Artyfacts Архивирано на 21 јули 2011 г.
|