Nothing Special   »   [go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Велес (бог)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Велес или Волос е главен словенски бог

Велес или Волос е главен словенски бог на земјата, облаците, водите и на подземниот свет. Поврзан со змеевите, добитокот, магијата, музиката, богатството и измамата. Тој е и противник на Перун громовникот и битката помеѓу нив двајцата го сочинува еден од најважните митови во словенската митологија. Никакви изворни описи не се преживеани, но според реконструкциите е замислен (барем делумно) како голема змија, со рогови (од бик или некое друго припитомено тревопасно животно) и со долга брада.

Модерна статуа од Велес на планината Велиз, Чешка

Велес е еден од неколкуте богови за кој има докази дека бил обожуван од страна на сите словенски народи. Тој се споменува во Несторовата хроника неколкупати под името Волос. Исто така, се споменува во мировниот договор од 10 век помеѓу Русите и Византијците, заедно со Перун. Тука Велес е спомнат како бог на стадата и селаните, кој ги казнува оние кои ги кршат заклетвите со болести, додека Перун казнува со војна. Статуата на Велес е една од седумте кои Владимир I ги подигнал во Киев. Но, оваа статуа не стои на ридот заедно со другите, туку долу среде киевскиот пазар. Според ова, Велес е бог и на трговијата, но, исто така, тој е бог на ниското земјиште, додека ридот е местото на неговиот непријател Перун. Нивните храмови и идоли секогаш стоеле одвоени, Перуновиот на високо, а Велесовиот на ниско.

Велес бил важен и за јужните Словени. Градот Велес го добил името по овој бог. Интересен е фактот дека над Велес постои рид кој го носи името на Илија громовникот, кој бил христијанската замена за Перун. Овој тренд може да се забележи и во хрватскиот град Волоско, кој е изграден под врвот Перун на планината Учка. Кај западните Словени Велес се појавува во чешки списи од 15 век, но неговото име означувало или змеј или ѓавол.[1]

Потекло на поимот

[уреди | уреди извор]

Етимологијата на Велес не е сосем јасна, главно бидејќи има две верзии на неговото име. Потеклото на неговото име се поврзува со праиндоевропски збор „wel“, што значи волна. Како бог на стадата, ова толкување е логично. Исто така, предложени се врски со индискиот бог Вала (противник на громовникот Индра) и со Велинас, демон од балтичката митологија (непријател на громовникот Перкунас).[2]

Особености

[уреди | уреди извор]

Словените во Велес гледале бог кој се грижи за нивната исхрана. Уште од времето на ловечката заедница, Велес бил бог на шумите и дивечот. Тој воедно се грижел и за тоа ловот да биде добар, а и за животните и билките, бранејќи ги од луѓето. По преминот во земјоделско-сточарска заедница, Велес не бил заборавен, туку на него ја препуштиле одговорноста за посевите и стоката. Тој бил задолжен да внимава на жетвата и да ја брани од град и други непогоди, а стоката да се размножува и да ја лиши од болести и глад.[3]

Бог на подземјето и мртвите

[уреди | уреди извор]

Словените го гледале светот како огромен даб чии корења се подземниот свет, а крошната - небото и земјата. На врвот стои Перун, претставен како орел. Тој е господар на небото и земјата. Во корењата живее Велес, претставен како змија или змеј. Тој е господар на мртвите и подземјето. Овој свет, за разлика од многу подземја е пријатно, плодно и влажно место каде што е вечна пролет. Тука живеат број фантастични суштества, а мртвите ги чуваат велесовите стада. Според некои извори, овој свет се нарекува Ириј или Виреј, а според други Нав. Јарило, богот на плодноста претстојува тука секоја зима, а напролет се качува на земјата. Се верувало дека тука мигрираат птиците во зима. Според митовите, подземниот свет се наоѓа „зад морето“.

Велес редовно ги праќа душите на мртвите да шетаат по земјата. Ова се случува за време на неколку тн. навји денови. При крајот на годината е најголемиот од овие празници, наречен Велика ноќ или Коледе. На оваа ноќ коледари и волчари, облечени во волна, крзно и гротескни маски шетале по селата. Овие луѓе ги претставувале мртвите, одејќи од куќа до куќа, пеејќи песни за тоа како „доаѓаат од далеку и се влажни“ (алудирајќи на влажното подземје) и барајќи подароци од домаќините кои ќе ги пречекаат. Се верувало дека подароците кои ќе им бидат дадени ќе ги примат мртвите. Некои од овие обичаи се зачувани до ден-денес. Можно е ова да е пример за словенски шаманизам, поврзувајќи го Велес со магијата.

Бог на стадата и жетвата

[уреди | уреди извор]

Најпрактичната улога на Велес би била таа како бог на стадата и жетвата. Често е нарекуван „скотји бог“, т.е. бог на стадата. Меѓу другото, негови атрибути се роговите и волната. Така, тој е бог на сточарите и овчарите, спротивно од Перун кој како бог на громот и дождот е бог на земјоделците. Сепак, се чини дека Велес исто така бил одговорен за земјоделството, или барем жетвата. Кај некои словенски нации, особено кај Русите е обичај првиот (или последниот) клас да биде врзан во вид на амајлија наречен „велесова брада“ (според ова, очигледно Велес е брадест бог) и да се закачи во амбарот за бериќетна година.

Бог на магијата и музиката

[уреди | уреди извор]

Словенскиот збор волхов, кој и ден-денес означува волшебник во некои словенски јазици најверојатно доаѓа од Велес. Во српскиот јазик, исто така, постои изразот „crnu vunu presti“ (волната е симбол за Велес) кој е алузија за магија и врачарство. А, бидејќи во старо време магијата често се поврзувала со музиката, Велес бил заштитник и на музичарите. Во староруската поема „Слово за походот Игорев“, песникот Бојан е наречен „внук на Велес“.[4] Во северна Хрватска постои обичај кој преостанал од ова верување. Имено, за време на некои свадби музичарите нема да почнат да свират сѐ додека младоженецот не истури вино во корењата на некое дрво. Така, музиката не започнува сѐ додека не се направи здравица на Велес, богот на музичарите.

Христијанскиот Велес

[уреди | уреди извор]
Велес на грбот на градот Волосово, Русија

По доаѓањето на христијанството, Велес, рогатиот и змијолик бог на подземјето ја имал несреќата да биде идентификуван како сатаната. Неговите позитивни страни биле префрлени на Свети Василиј. Во градот Јарославл, првата црква која била изградена на местото на храм на Велес била посветена на овој светец, најверојатно поради сличноста во имињата, а и бидејќи некаде св. Василиј се смета за заштитник на овчарите.

Чуден е фактот дека Велес останал бог со толку сложен и широк домен низ целата словенска паганска историја без да биде поделен на повеќе ликови. Во другите индоевропски митологии, ваквите богови биле систематски поделувани. На пример, во старогрчката митологија има најмалку четири лика кои можат да се идентификуваат со Велес: Пан, Хермес, Плутон и Тифон. Единствено во келтската митологија може да се најде сличен бог - Кернунос, бог на друидите, природата, дивите животни и шаманизмот, претставен со еленски рогови, чиј симбол бил рогата змија.

  1. Гордана Јовиќ Стојковска|Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Три, Скопје, 2004, стр. 74-75.
  2. Spasoje Vasiljev, Slovenska mitologija, ARON, Smederevo, 1986, стр. 80.
  3. Нина Анастасова - Шкрињариќ, Словенски пантеон, Менора, Скопје, 2004, стр. 175.
  4. Слово за походор Игорев. Скопје: Наша книга, 2002, стр. 23.

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Стојковска, Гордана (2004). Речник на јужнословенска митологија. Издавачки центар Три. ISBN 9989-918-97-X.