Аугуст Стриндберг
Аугуст Стриндберг | |
---|---|
Почивалиште | Северни гробишта, Стокхолм |
Занимање | драматург, писател, есеист |
Националност | Швеѓанец |
Период | модернизам |
Книжевно движење | натурализам експресионизам |
Значајни дела | Црвената соба (1879) Таткото (1887) Госпоѓица Јулија (1888) Инферно (1897) Кон Дамаск (1898) Игра на сништата (1902) |
Сопруг/а | Сири вон Есен (1877–91) Фрида Ухл (1893–95) Хариет Босе (1901–02) |
Потпис |
Јохан Аугуст Стриндберг (22 јануари 1849, Стокхолм, Шведска – 14 мај 1912) — шведски писател, родоначалник на шведската литература.[2][3][4] Склон кон мистичност, тој е претходник на експресионизмот. Негови најважни дела се: романите „Црвената соба“, „Готска соба“ и „Црни знамиња“, како и драмите „Госпоѓица Јулија“, „Татко“ и „Игра на сништата“.
Животопис
[уреди | уреди извор]Стриндберг се родил на 22 јануари 1849 година, во Стокхолм. Таткото на неговиот предедо бил селанец, а предедо му бил свештеник, оженет со Германка од угледно семејство, додека дедо му бил угледен граѓанин на Стокхолм. Татко, застапник на едно паробродско претпријатие, бил во врска со скромна слугинка со која се оженил многу подоцна, дури откако таа му го родила четвртото дете - Аугуст Стриндберг. Чудниот брак меѓу таткото со речиси болна наклонетост кон аристократијата и сиромашната мајка извршила големо влијание врз развојот на малиот Стриндберг. Во детството, тој бил повлечен во себе, често плачел и бил повреден од односот на родителите кон него. Дури и кога татко му постигнал одреден материјален успех, Стриндберг не се променил и посакувал мајка му да му се посвети само нему. Со текот на времето, тешката психичка болест шизофренија го засилила кај него стравот од луѓето, но истовремено ја родила и желбата постојано да создава и да ја докажува својата вредност. Подоцна, Стриндберг се женел трипати, но ниту една сопруга не му го дала она што го очекувал, а неисполнетите очекувања се претвориле во омраза кон жените. Така, првите две сопруги ги обвинувал за некои лоши постапки, кои подоцна ѝ ги припишал на Лаура во драмата „Татко“. На пример, својата сопруга, бароницата Сири фон Есен ја обвинувал дека му ги крие писмата и книгите што му ги испраќале пријателите и дека наоколу зборувала дека е луд.[5]
Поради недостиг од пари, Стриндберг морал да ги прекине студиите во Упсала и да се врати во Стокхолм, каде работел како учител. Бидејќи повеќе ги почитувал благородниците од граѓаните, тој бил често потиштен од сиромашните деца кои ги учел. Подоцна, станал домашен учител во семејството на еден образован лекар, Евреин. Тогаш се обидел да ги продолжи студиите, но не успеал да го положи приемниот испит, по што се обидел да стане глумец, но повторно доживеал неуспех. Затоа, тој ѝ се посветил на литературата и конечно доживеал успех, што му донело стипендија, но повторно немал сила да ги заврши студиите. Сепак, неговите стари страсти продолжиле и понатаму и, во 1892 година, во Берлин, Стриндберг се занимавал со алхемија, обидувајќи се да добие злато од бакар. Неговата манија на прогонување достигнала врв во Париз, каде тој потонал во стравични визии и мистично-религиозни идеи. Интересно, пет-шест години претходно, Ниче (кој веќе бил на граница на лудилото) му испратил едно писмо на Стриндберг, потпишувајќи се како „Ниче-Цезар“, а Стриднберг му одговорил со писмо потпишано како „Стриндберг, најдобриот, највисокиот Бог“. Овој пеколен дел од животот, подоцна Стриндберг го опишал во автобиографското дело „Инферно“. Стриндберг умрел на 14 мај 1912 година, во Стокхолм, од рак на стомакот.[5]
Творештво
[уреди | уреди извор]Опусот на Стриндберг се состои од 56 драми, пет романи, една поетска збирка и неколку збирки раскази. Голем дел од делата на Стриндберг имаат силен автобиографски карактер, почнувајќи од првото дело „Синот на слугинката“. Инаку, тој започнал да пишува со бунтовен дух, под влијание на Ибзен, кого подоцна немилосрдно го напаѓал. Во 1879 година го напишал натуралистичкиот роман „Црвената соба“, во кој се чувствува влијанието на Шилер и на Ибзен. Во 1884 година ги напишал „Швајцарските новели“ во кои го истакнува својот идеал - укинување на приватната сопственост, а во 1887 година се појавила драмата „Татко“, потресна слика на неговата омраза кон жените и на менталитетот на еден дел од граѓанското општество кон крајот на 19 век. Судирот меѓу мажите и жените, Стриндберг го комбинирал со судирот меѓу класите во драмата „Госпоѓица Јулија“ од 1888 година. Овие две драми постигнале голем успех и биле редовно прикажувани на европските натуралистички театри. Подоцна, во драмите „Кон Дамаск“ и „Игра на соништата“ (1902), Стриндберг ги скршил старите драмски форми и извршил декомпозиција на ликот на авторот во повеќе апстрактни лица, со што отворил ново поглавје во драмската уметност. За тие драми, тој рекол: „Сè може да се случи, сè е можно и веројатно. Времето и просторот не постојат.“ Во овој период, Стриндберг напишал и неколку историски драми од шведската и германската историја, но и во нив ги вметнал своите субјектививни, идеалистички гледишта за светскиот дух. Во истиот стил, во 1903 година ја напишал расправата „Свесната волја во светската историја“. Во 1907 година, во Стокхолм, тој го основал театарот со името „Интима театерн“, со цел да ги прикажува единствено своите дела, пишувајќи драми до 1910 година. Истовремено, тој развил и посебна теорија на сценската уметност.[5]
Во една прилика, Хенрик Ибзен изјавил дека Стриндберг ќе биде поголем писател од него. Во времето од натуралистичката фаза, самиот Стриндберг бил горд на сложеноста на ликовите од неговите драми, но Зола сметал дека тие не се реални, туку претставуваат апстракции. Во секој случај, Стриндберг извршил големо влијание врз натамошниот развој на драмата. Многумина, во него гледаат како на почеток на современите драмски струења, симболизмот и експресионизмот, како и далечен предвесник на надреализмот и егзистенцијализмот. Преку длабокото, страсно нуркање во себеси, тој ја збогатил книжевноста со нови области на психата и со нови облици на уметничкото прикажување.[5]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Goodman, Lizbeth; Jane De Gay (2000). The Routledge Reader in Politics and Performance. London, England: Routledge. стр. 71. ISBN 978-0415174732. Посетено на June 20, 2011.
- ↑ Lane (1998), 1040.
- ↑ Meyer (1985), 3, 567.
- ↑ Williams (1952), 75.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Stanislav Bajić, „August Strindberg (1849-1912)“, во: August Strindberg, Gospođica Julija - Otac. Beograd: rad, 1960, стр. 173-178.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Аугуст Стриндберг“ на Ризницата ? |
- IMDb[мртва врска]
- Аугуст Стриндберг — Internet Broadway Database (англиски)
- Аугуст Стриндберг на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Дела од August Strindberg на проектот „Гутенберг“
- Животот и делото на Аугуст Стриндберг Архивирано на 20 април 2012 г. - Курир (македонски)