Nothing Special   »   [go: up one dir, main page]

Прејди на содржината

Јохан Волфганг фон Гете

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Јохан Гете)
Јохан Волфганг фон Гете

Јохан Волфганг фон Гете (германски: Johann Wolfgang von Goethe; 28 август 1749, Франкфурт на Мајна - 22 март 1832, Вајмар) — германски романописец, поет, драматург, хуманист, научник, филозоф и десет години премиер на војводството Вајмар.

Гете бил една од клучните фигури на германската литература и движењето Вајмарски класицизам во доцниот XVIII и раниот XIX век; ова движење коинцидира со просветителството, Sturm und drang, сентиментализмот и романтизмот. Како автор на Фауст и Теоријата на боите, тој го инспирирал Дарвин во неговото независно откривање на премаксилата на човечката вилица и концентрацијата на идеите за еволуцијата. Влијанието на Гете се ширело низ Европа и за време на следниот век неговата работа била примарен извор на инспирација во музиката, драмата, поетиката и филозофијата.[1]

Рани години (1749–1765)

[уреди | уреди извор]

Таткото на Гете, правникот и кралскиот советник Јохан Каспар Гете (17101782), живеел со неговото семејство во голема куќа во Франкфурт на Мајна, тогаш дел од Светото Римско Царство. Како богат член на буржоазијата, тој го поминал најголемиот дел од своето време собирајќи препарирани животни и слики. Гетеовата мајка, Катарина Елизабет Текстор (17311808), се омажила за 38-годишниот Јохан Каспар кога имала само 17 години. Сите нивни деца, освен Гете и неговата сестра Корнелија Фридерик Кристијана, кои биле родени во 1750 година, починале на рана возраст. Од татко му, Јохан Волфганг ги наследил смислата за ред и сериозноста, додека од мајка му ги презел ведрината на духот, бујната фантазија и неисцрпната дарба за раскажување. Како син на правник во слободниот град Франкфурт, на кого имотот на таткото кројач и гостилничар му овозможил да се издигне меѓу франкфуртското благородништво, младиот Гете ја запознал во студиите во Лајпциг послободната граѓанска култура, а во Стразбур го запознал Јохан Готфрид Хердер[2].[3]

Јохан Каспар и приватните учители му држеле предавања на Гете за сите општи предмети, посебно јазиците (латински, грчки, француски, англиски и хебрејски). Гете, исто така, земал часови по танцување, јавање и мечување. Тој имал силна одбивност кон црквата и ја окарактеризирал нејзината историја како „редица на грешки и насилство“. Негова голема страст било цртањето; музиката, пак, не му била страст. Гете набрзо станал заинтересиран за литературата; Фридрих Готлиб Клопшток и Хомер биле меѓу неговите најрани омилени писатели. Тој имал голема посветеност кон театарот, исто така, при што бил многу фасциниран од сцените со кукли кои се одржувале во театарот Вилхелм Мајстер. Неговата желба за сестрано образование особено била поттикната од средбите и разговорите со францускиот офицер Франсоа Теас, кој престојувал во нивната куќа за време на седумгодишната војна.[3] Според сведочењето на самиот Гете, голем дел од неговото образование било под влијание на Французите.[4] Додека студирал право во Лајпциг, Гете редовно го посетувал театарот и галериите, така што и самиот започнал да се занимава со бакрорез.[5]

Во текот на 1770-1771 година, Гете живеел во Стразбур, каде допатувал за да ги доврши студиите. Таму, тој се запознал со творецот на новите антипросветителски идеи, Хердер,[3] од кого научил дека вистинскиот живот треба да се бара во природата и историјата; дека најголемата вредност на човекот лежи во неговата оригиналност и индивидуалност; дека големите дела потекнуваат од срцето и дека поезијата ја создаваат скриените и несвесни изливи на поетскиот гениј. Под неговото влијание, Гете ги засакал Хомер, Шекспир, Осијан и народните песни. Истовремено, тој се вљубил во девојката Фридерика Брион, која претставувала инспирација за најполетните песни од неговата младост.[6]

Во 1772 година, почитувајќи ја желбата на татко му, Гете престојувал одредено време во Вецлар, каде на 25 мај 1772 година се запишал во списокот на судските практиканти, но не постојат документи кои би докажале дека тој учествувал во работата на тамошниот суд. Се знае дека тој немал никаков интерес за судската пракса, а присуствувал само на неколку заседанија на судот, и тоа само како слушател.[7] Исто така, во текот на една година, Гете работел како адвокат во Франкфурт.[3] На патот од Вецлар кон Франкфурт, во Еренбрајштајн, Гете ја запознал Максимилијана Ларош, која на почетокот на следната година пристигнала во Франкфурт како сопруга на богатиот тгровец Брентано. Гете бил чест гостин во нивниот дом, а на Максимилијана ѝ ги читал своите поетски творби. Долго време, Брентано се однесувал љубезно кон Гете, но потоа наеднаш станал љубоморен и Гете одлучил повеќе да не го посетува нивниот дом.[8]

На почетокот од 1775 година, Гете се запознал со убавата и богата Лили Шенеман со која заминал во Швајцарија, иако се плашел од трајна врска со неа. Таа ги инспирирала Гете за неколку песни, како што се: „На езерото“, “Есенско расположение“, „Поглед на езерото од ридот“ итн. Меѓутоа, поради нескладот меѓу нивните погледи на светот, оваа врска набргу пропаднала и Гете се вратил во Германија, прифаќајќи ја поканата на младиот вајмарски војвода, Карл Август, војвода на Сакс-Вајмар-Ајзенах. Таму, војводата успеал да го приврзе кон себе и Гете останал трајно во Вајмар, каде што на почетокот се занимавал со практични работи од областа на геологијата, ботаниката, минералогијата и анатомијата. Во Вајмар, Гете ја запознал госпоѓата фон Штајн, многу образована жена која успеала да го скроти неговиот бунтовен карактер. И нејзе Гете ѝ посветил неколку свои песни („На Шарлота фон Штајн“, „На Лида“, „Ноќни мисли“ итн.).[9][10]

Една од најважните епизоди во животот на Гете бил неговиот двегодишен престој во Италија, од 1786 до 1788 година, каде што заминал сакајќи да се ослободи од сите обврски и да ѝ се посвети само на поезијата. Таму Гете се запознал со античката култура и се заинтересирал за античката уметност. Патувањето во Рим, Неапол и Сицилија Гете ги опишал во делото „Патување низ Италија“.[11] За време на Француската револуција, Гете присуствувал на неуспешниот воен поход на вајмарскиот војвода против француските востаници, кој го опишал во делото „Војната во Франција“ од 1793 година. Во 1794 година, Гете се зближил со Шилер, со што започнала нивната долга книжевна соработка при што до преселбата на Шилер во Вајмар, во 1799 година, тие интензивно се допишувале, а потоа интензивно се дружеле, разменувале мислења и пишувале. На преминот од XVIII кон XIX век, Гете повторно се занимавал со практични проблеми од областа на минералогијата, оптиката, остеологијата и геологијата, а многу малку време посветувал на книжевноста.[12] Во староста, во шеесеттата година од животот, Гете искрено се вљубил во младата Мина, па дури и мислел дека тоа било првиот пат кога бил вистински вљубен, а кога веќе имал над 70 години ја побарал за жена младата Улрике, верувајќи дека ќе биде среќен сопруг.[13]

Гете починал во Вајмар, на 22 март 1832 година. Неговиот долгогодишен соработник Јохан Петер Екерман вака го опишува телото на Гете утредента по неговата смрт: „... Утрото по Гетеовата смрт ме обзеде длабок копнеж уште еднаш да ги видам неговите земни остатоци. Неговиот верен слуга Фридрих ми ја отвори собата во која лежеше тој. Испружен на грбот почиваше како да спие; цртите на неговото возвишено-благородно лице отсликуваа длабок мир и тишина. Големото чело како сè уште да се бавеше со мислите. Ме фати желба за прамен од неговата коса, но големото стравопочитување ме спречи да го пресечам. Телото лежеше завиткано во бел чаршав, околу него беа поставени големи парчиња мраз за што подолго да го одржат свеж. Фридрих го крена чаршавот и јас се восхитив од божествената убавина на тоа тело. Градите необично големи, широки и испакнати; рацете и нозете полни и умерено мускулести; стапалата фини и со најубав облик, и никаде на целото тело ни трага од дебелина или слабост или пропаднатост. Совршен човек лежеше пред мене во голема убавина и восхитот што го почувствував поради тоа за момент направи да заборавам дека бесмртниот дух го напушти тоа тело. Ја положив раката на неговото срце - насекаде владееше длабока тишина - и се тргнав настрана за да ги пуштам задржаните солзи слободно да течат.“[14]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Периодизација на творештвото на Гете

[уреди | уреди извор]

Големиот опус на Гете може хронолошки да се подели на три периода:[15]

  • Првиот период ги опфаќа творбите напишани во неговата младост, како што се: „Книгата за Анета“, „Лајпцишка книга со песни“ (1768-1769), „Наумничавоста на вљубените“ (1768-1769), „Совиновниците“ (1767-1769), „За германската архитектура“ (1771), „Штрасбуршка лирика“ (1771), „По повод Шекспировиот ден“ (1772), „Гец фон Берлихинген“ (1772), „Клавиго“ (1774), „Страдањата на младиот Вертер“ (1774) и „Стела“ (1775).
  • Вториот период од неговото творештво го означува свртувањето кон класицизмот и ги опфаќа делата: „Вајмарската лирика“ (1776-1778), „Тајни“ (1784-1785), „Ифигенија на Таурис“ (1787), „Егмонт“ (1787), „Тасо“ (1790), „Фауст, еден фрагмент“ (1790), „Годините на учењето на Вилхелм Мајстер“ (1795-1796), „Римски елегии“ (1795), „Венецијански епиграми“ (1796), „Ксении“ (1797), „Херман и Доротеја“ (1798) и „Балади“ (1798).
  • Третиот период ги опфаќа делата напишани во староста, како: „Фауст, прв дел“ (1808), „Душевни сродности“ (1809), „За науката на боите“ (1810), „Поезијата и вистината“ (1811-1833), „Италијански патувања“ (1816-1817), „Западно-источен диван“ (1819), „Годините на патувањата на Вилхелм Мајстер“ (1821), „Мариенбадските елегии“ (1823), „Фауст, втор дел“ (1832).

Раното творештво

[уреди | уреди извор]

Гете започнал да пишува поезија под влијание на германските и француските автори. Првите песни на Гете имаат претежно духовен и пригоден карактер и директно се под влијание на германските поети од XVIII век. Водејќи се од тогашната литературна мода, во Лајпциг ја објавил својата прва збирка песни во анакреонтичарски дух, „Анета“, а потоа напишал и една симпатична игра со наслов „Табиетите на вљубениот“ во која ги опишал својот однос и љубомората кон Кетхен Шенкопф, ќерката на еден гостилничар од Лајпциг. Неговата поезија од овој период е во „рококо“-стил и во неа Гете ги слави виното, љубовта и епикурејскиот начин на живот. Но, во следната збирка „Нови песни“ и во малата рококо-комедија „Совиновници“ (напишана по враќањето од Лајпциг во Франкфурт), Гете се јавуваат првите знаци на ослободувањето од рококо-стилот и преминот кон други теми. Подоцна, за време на престојот во Стразбур, Гете започнал да пишува силни песни, исполнети со непосредност, природност и вистинитост, во кои тој настојува да ги ослободи своите чувства преку еден вид поетски исповеди. Притоа, покрај песните во наивен тон во стилот на народните песни (како „Ружа на ридот“ или „Кралот во Тула“), кај него се развиваат и слободните ритми кои тој ги користи пишувајќи химни за големите луѓе (како „Прометеј“, „Песна за Мухамед“, „Ганимед“). Заедно со песните посветени на Фридерика Брион, овие химни ги претставуваат најполетните и најубавите стихови на Гете од времето на „бујноста и вриењето“ (Sturm und Drang). По враќањето во Франкфурт, во 1773 година Гете го објавил своето прво поголемо дело, кое му донело поширока слава - драматаГец фон Берлихинген“.[16]

Според сведочењето на самиот Гете, на почетокот од неговото творештво тој бил нејасен и неговите идеи биле несвесни, меѓутоа уште тогаш имал чувство за она што е вистинско. На пример, драмата „Гец фон Берлихинген“ ја напишал кога имал 22 години, а десет години подоцна се восхитувал на вистинитоста на своето прикажување во неа. идеите за некои од неговите рани балади тој ги носел во главата долги години пред да ги напише, додека некои песни настанале на сосема спротивен начин: тие се јавувале ненадејно, т.е. нив ги напишал набрзина, за време на бурен поетски занос.[17]

„Гец фон Берлихинген“

[уреди | уреди извор]

По враќањето во Франкфурт, во 1773 година Гете го објавил своето прво поголемо дело, кое му донело поширока слава - драматаГец фон Берлихинген“ во која доаѓа до израз Гетеовиот бунтовнички дух и желбата за слобода. Подлога на драмата е автобиографијата на витезот Гец, една од најомилените личности на 16 век. Гец е последен остаток од феудализмот, кој и покрај реформирањето, ги зачувал вкусовите и тежнеењата на средниот век, и кој не умеел да ги сфати новите задачи. Тој цел живот го минал во разбојнички напади и војни.

Иако драмата е заснована врз автобиографијата на Гец, во делото Гете не се придржувал доследно на историските факти и го претставил Гец како борец за слобода на селаните и за обединување на Германија. Гете на свој начин го сфатил овој јунак, и средновековен витез-разбојник го претворил во вистински приврзаник на стилот „Sturm und Drang“ на XVIII век. Гете го прикажал со идеални особини, како заштитник на правдата. Со ова дело, Гете сакал да укаже на политичките противречности меѓу буржоазијата и стариот феудален сталеж, но неговите современици не го разбрале Гетеовиот повик за борба против тиранијата и претежно се воодушевувале од емоционалните сцени во драмата.[18] Огромното значење на драмата „Гец фон Берлихинген“ е во тоа што му нанел одлучен удар на псевдокласицизмот, но и на сите класични правила утврдени од времето на Шекспир.

„Страдањата на младиот Вертер“

[уреди | уреди извор]

главна статија: Страдањата на младиот Вертер

Ова дело има своја подлога од животот на Гете. Во 1772 година тој се пресеилил во Вецлар, каде работел како писар, и требало по желба на татка си да се оддаде на правничката кариера. Романот „Страдањата на младиот Вертер“, објавен во 1774 година, Гете го означил како својата „главна исповед“ и со него стекнал поширока, европска слава.

Во романот ја опишал кралската судска институција во која работел. Таму тој се запознал со двајцата секретари Кестнер и Јерусалем. Меѓу нив се случила историјата што послужила како основа за делото. Кестнер тајно се верил со петнаесетгодишната Лота, која Гете ја запознал и се вљубил во неа. Но кога дознал дека е вереница на пријателот, се обидел да ги контролира своите чувства, и тие продолжиле да другаруваат, иако Кестнер и Лота забележале што се случува во душата на поетот. Во моментот кога Гете веќе не бил во состојба да се бори со себе, заминал од Вецлар, оставајќи му трогателно писмо на својот пријател. Се вратил во Франкфурт и додека се обидувал на своите впечатоци да им даде уметничка форма, добил вест за самоубиството на Јерусалем. Сето ова послужило како тема на познатиот роман.

Младиот Вертер во книжевноста е првиот поголем претставник на сфаќањето на светот што се нарекува „светска тага“, и кое во почетокот на XIX век завладеало во Европа. Вертер е прототип на оние јунаци кои ја прекриле Европа, дури до Русија, со таен печат на челото, со своите несфатливи страдања, потресувајќи ги чувствителните женски срца. Главниот лик во романот е млад идеалист, кој страда не само поради љубовните маки, туку и поради спротивноста на своите идеали со германската стварност, како и поради неспособноста да го премости јазот меѓу своето „јас“ и светот. Низ нагласените и нијансираните расположенија на Вертер се насетува незадоволството на Гете од тогашните општествени околности, кои го спречувале слободниот развој на човечката личност.[19]

„Фауст“

[уреди | уреди извор]

главна статија: Фауст од Гете

Прашањето за ограниченоста на нашето сознание, за личноста на човекот, за односот меѓу науката и верата, сето ова нашло длабок израз во поемата „Фауст“. Немирните идеи да се прејдат границите на човечката природа и сојузот со пеколот поради остварување на тие идеи, народната фантазија им ги припишувала на познати луѓе уште од незапамтени времиња, но тие љубопитни луѓе секогаш биле во рамнотежа: секогаш наоѓале смирување во религијата. Дури во ренесансата се појавил Фауст со своите основни линии, со своето барање и душевната подвоеност.

Прашањето дали Фауст навистина постоел, останува отворено. Според податоците собрани од научниците кои го признаваат постоењето на Фауст, тој се родил во Книтлинген во Виртемберг, се прославил во Германија со волшебништво и маѓионичарство, и умрел околу 1540 година. Личноста на Фауст се поврзува со многу градови. Во Лајпциг, во еден познат вински подрум и денес на ѕидот стои слика поставена во 1525 година, а која го претставува Фауст на винско буре.

Прв од германските писатели кој му посветил внимание на Фауст бил Лесинг, но не успеал да ја доврши драмата, а дури и деловите се изгубени. Фридрих Милер напишал на оваа тема филозофски роман, но никој не успеал да внесе толку длабока филозофска содржина како Гете. Гете работел на „Фауст“ околу 60 години, така што во ова дело може да се видат трагите на сите фази од неговото поетско творештво. Всушност, неговата првобитна намера била во рамките на старата легенда за Фауст да го прикаже својот диховен развој.[20] Првиот дел е првпат печатен во 1808 година, но подоцна претрпел измени. Вториот дел е печатен веднаш по смртта на авторот, во 1832 година.

Други дела

[уреди | уреди извор]

Од 1770-тите потекнуваат уште две дела на Гете: трагедијатаКлавихо“, која поради вештиот заплет се смета за една од неговите најуспешни драми, и драмата „Стела“, со која тој прикажува еден вид слаб пандан на ликот на Вертер. Исто така, се смета дека со драмата „Клавихо“ Гете сакал да се ослободи од гризењето на совеста поради разделбата со Фридерика Брион. Подоцна, откако се населил во Вајмар, Гете започнува да пишува медитативни песни исполнети со симболизам, како што се: „Божествено“, „Границите на човештвото“, „На Месечината“, „Песната на духовите над водите“, „Патниковата ноќна песна II“ итн. Поради мисловната содржина, овие песни на Гете имаат многу побавен ритам во споредба со песните од младоста, а во неговите балади од оовј период природата се јавува како извор на страв и на среќа.[21]

Патувањето низ Италија во 1786-1788 година претставувало голема инспирација во творештвото на Гете. Така, по враќањето од Италија, во 1788 година, тој ги објавил познатите „Римски елегии“, а во 1790 година и „Венецијански епиграми“, создадени како резултат на неговото второ патување низ Италија. Овие две дела ги изразуваат и чувствата на Гете кон Кристијана Вулпиус, која подоцна му станала жена. По враќањето од Италија во Вајмар, Гете ги објавил класичните драми: „Егмонт“, „Ифигенија на Таурида“ и „Торквато Тасо“ кои ги дотерувал и преработувал додека бил во Италија, настојувајќи да им даде посовршена форма. Така, „Ифигенија“ и „Тасо“ Гете ги преправил од дотогашната прозна форма во петтостопен јамб, а драмата „Егмонт“ ја оставил во проза. Иако била преработена во Италија, оваа драма покажува знаци на Гете од младоста, и тоа како во поглед на композицијата така и во однос на славењето на храброста и незадоволството од современите општествени прилики. Содржината на „Ифигенија“ Гете ја презел од истоимената драма на Еврипид, но со потполно нова, хуманистичка концепција, иако при нејзиното пишување се придружувал кон трите класични типови на единство.[22]

Под влијание на Француската револуција, Гете напишал неколку помали, често недовршени, дела, а во 1792 година го објавил и делото „Војна во Франција“. Исто така, како реакција на сè поголемиот егоизам во тогашното општество, во 1793 година го препеал долногерманскиот епЛисецот Рајнеке“, во хексаметарски стихови. Во 1794 година, Гете се зближил со Шилер, со што започнала нивната книжевна соработка: до 1799 година, тие интензивно се допишувале, а потоа Гете соработувал со списанијата на Шилер; исто така, двајцата напишале и циклус епиграми во кои ги исмеале медиокритетството и негативните појави во книжевноста; нивната соработка го доживеала врвот во 1797 година, кога двајцата ги напишале најубавите класични балади. Така, Гете ги создал незаборавните „Коринтската невеста“, „Копачот на богатство“, „Ученикот на волшебникот“, „Бог и бајадерата“ итн. Во 1796 година, Гете го завршил романот „Годините на учењето на Вилхелм Мајстер“ во кој пишувал за разни воспитни проблеми. Од тоа време потекнува и идиличниот еп во хексаметри „Херман и Доротеја“ во кој се слават семејниот живот и брачната љубов.[23]

На преминот од 18 кон XIX век Гете пишувал многу малку, бидејќи бил посветен на научната работа од која произлегло делото „Наука за боите“ од 1810 година. Првото поголемо поетско дело го објавил во 1809 година - романотИзбор по сродноста“ во кои пишува за привлекувањето и борбата меѓу човечките склоности и етички принципи. Потоа, тој започнал да ја пишува својата автобиографија, но го завршил само првиот дел „Од мојот живот“, со поднаслов „Поезијата и вистината“, во кој се зборува за неговиот живот од раѓањето до преминот во Вајмар. Подоцнежните фази од животот Гете ги изнесол во делата „Патување низ Италија“, „Патот во Швајцарија 1797. година“, „Војната во Франција“ и во неколку помали дела. Зголемениот интерес за персиската лирика, особено за поетот Хафис, нашло одраз во збирката „Западно-источен диван“, а до крајот на животот успеал да заврши уште две дела на кои работел подолг период: романот „Годините на патувањата на Вилхелм Мајстер“ од 1821 година, каде што ги искажува своите погледи за моралното воспитување на човекот, и вториот дел на “Фауст“, завршен непосредно пред неговата смрт. Според многу критичари, овие две дела не ја достигнале висината на неговите претходни дела. Најпосле, меѓу лирските дела од последната творечка фаза на Гете се издвојува „Мариенбадската елегија“ од 1823 година, како свидетелство за неговото самопрегорно откажување од среќата. Другите песни од овој период се одликуваат со многу рефлексии и гатанки, така што се тешки за толкување. Според симболизмот и параболичното значење особено се истакнуваат неговите „Максими и рефлексии“, кои се формулирани десет години пред неговата смрт.[24]

Во последните децении на својот живот Гете се интересирал и за народното творештво. Всушност, уште во младоста тој ја препеал српската народна песна „Хасанагиница“ за потребите на Хердеровата збирка на народни песни. Подоцна, благодарение на браќата Грим, неговиот интерес уште повеќе за зголемил и тој често објавувал разни статии, рецензии и белешки за народната поезија.[25]

Осврт кон творештвото на Гете

[уреди | уреди извор]

Според сопственото сведоштво, голем дел од своето образование, Гете ѝ го должел на француската култура.[4][26] Исто така, во младоста тој бил под влијание на Лесинг (особено, неговата драма „Мини од Барнхелм“), поетот Кристоф Мартин Виланд, историчарот Јохан Јоаким Винклман итн.[27] Исто така, тој го познавал творештвото на Молиер уште од младоста и од него учел во текот на целиот живот при што секоја година задолжително читал по неколку Молиерови дела.[28] Најпосле, големо влијание врз него извршиле старогрчките и француските автори, а уште повеќе: Голдсмит, Стерн и Шекспир,[29] додека во староста тој бил под влијание на Кант.[30]

Гете бил плоден творец и целиот живот работел неуморно. Според неговото сведоштво, целиот него живот се состоел од труд и работа и ниту четири недели во текот на целокупниот живот не живеел според неговата волја.[31] Притоа, во одреден период од животот секој ден пишувал по еден авторски табак: на пример, делото „Браќа и сестри“ го напишал за само три дена, „Клавих“ за осум дена, а во еден ден пишувал и по две-три песни од „Западно-источниот диван“, и тоа во секое место (в поле, во кочија или во гостилница). Дури во староста, неговата продуктивност се намалила и тогаш пишувал само периодично и под определени околности: на пример, на вториот дел од „Фауст“ работел само во текот на утрото, па и тогаш само неколку редови или, во најдобар случај, само една страница.[32]

Според сопственото признание на Гете, сите негови песни се засновани врз стварноста, односно градбата за песните секогаш ја земал од стварноста.[33] На пример, според неговото тврдење, во „Сродни души“ нема ниту еден ред кој не го доживеал лично.[34] Како поет, Гете никогаш не тежнеел кон нешто апстрактно, туку во својата душа ги примал впечатоците, а потоа уметнички ја заокружувал и обликувал својата интуиција при што своите впечатоци ги искажувал живо со цел и читателите да ги стекнат истите впечатоци.[35] Оттука, наспроти субјективниот метод на Шилер, во својата поезија Гете постојано се држел до принципот на објективното и го признавал само него.[36] Кога сакал да ги искаже своите идеи, Гете го правел тоа во малите поетски творби во кои преовладувал определено единство (на пример, „Метаморфозата на животните“, „Метаморфозата на билките“, „Завет“ итн.). Единственото поголемо дело во кое свесно работел на прикажувањето на една изразена идеја бил романот „Сродни души“[35]

Осврнувајќи се врз своето творештво, Гете истакнал дека луѓето никогаш не биел задоволни од него и посакувале тој да биде поинаков. Притоа, поради неговиот стремеж да ги покаже своите вистински чувства, луѓето го сметале за горд. Тоа произлегувало оттаму што во однос на прашањата поврзани со религијата, науката и политиката, тој секогаш имал храброст да го каже она што го чувствувал.[37] Во староста, Гете ги групирал своите противници во неколку групи: прво, противници од глупост, т.е. оние кои не го разбрале и го оцениле неповолно без воопшто да го запознаат; второ, завидливците кои не можеле да се помират со неговиот талент и слава и кои сакале да го уништат; некои, пак, станале негови противници поради то ашти тие самите не биле успешни; во четвртата група се оние кои имале свои причини да го напаѓаат, а кои го напаѓале поради некој недостаток кој одамна го надминал; најпосле, некои го напаѓале поради тоа што имале различни погледи, т.е. поради фактот што целото негово време му робувало на субјективниот правец, а тој бил осамен приврзаник на објективните стремежи.[38]

Романи

  • Страдањата на младиот Вертер
  • Годините на учењето на Вилхем Мајстер (1796)
  • Избор према сличности
  • Годините на патувањата на Вилхем Мајстер (1821)
  • Од мојот живот: Поезијата и вистината (Aus meine Leben: Dichtung und Wahrheit)

Драми

  • Гец од Берлихинген (1773)
  • Клавихо
  • Стела
  • Ифигенија во Таурис
  • Егмонт (1788)
  • Торквато Тасо (1789)
  • Фауст, прв дел (1808)
  • Фауст, втор дел (1832)

Песни

  • Прометеј I
  • Кралот џуџе
  • Римски елегии (1888)
  • Лисецот Рајнеке (Reineke Fuchs)
  • Годините на учењето на волшебништво
  • Херман и Доротеја (1797)

Научни дела

  • Метаморфоза на билките (1790)
  • Теорија на боите (1810)
  • Патувањето во Италија
  • Посмртни дела
  • Гетеовите разговори

Погледите на Гете за уметноста

[уреди | уреди извор]

Гете за поезијата

[уреди | уреди извор]

Според Гете, стварноста ги обезбедува мотивите и градбата за поезијата, а задачата на поетот е од нив да создаде оживеана целина; оттука, ниеден реален предмет не е непоетичен, ако поетот знае вешто да го искористи.[33] Напротив, секој специјален случај станува општ и поетски токму со тоа што него ќе го изрази поетот.[39] Во таа смисла, задачата на поетот не е да ги изрази своите субјективни чувства, туку тој станува поет откако ќе го усвои и ќе успее да го изрази Светот.[40] Во продолжение, тој смета дека поетот треба да ги избегнува големите дела кои бараат голем напор и духовна сила за да се усоврши големата целина; притоа, ако поетот не успее да ја оствари таа целина, делото е уништено, а ако пак не успее целосно да ги разработи поединечните делови, тогаш ќе страда целината на делото. Наспроти тоа, предноста на малите поетски дела се состои во тоа што во нив поетот може да ги избере оние предмети со кои тој владее.[41] Според него, стварноста ги обезбедува мотивите, суштината и јадрото на поетското творештво, а задачата на поетот е од тоа да создаде убава оживеана целина.[42] Притоа, токму во мотивите, во ситуацијата, се состои вистинската суштина на поезијата.[43]

Гете за драмската уметност

[уреди | уреди извор]

Според Гете, за да се пишуваат драмски дела е потребна посебна способност, зашто делата може да бидат интересни за читање и за размислување, но сосема поинаку изгледаат кога ќе се прикажат во театарот. За да биде добро, драмското дело мора да биде симболично, а тоа значи дека секое дејствие мора да има вредност сама по себе и во неа да се наоѓа зачетокот на уште поважно дејствие.[44] Гете го исмева класичниот закон за тројното единство на драмското дејствие нарекувајќи го „најглупав закон“. Според него, основа на драмата, а јасното дејствие, а трите единства се добри само ако со нив се постигнува јасно дејствие, а во спротивно, писателот не треба да се придржува кон нив. Со други зборови, многу е поважно добро да се прикаже предметот на драмата, а не слепо да се почитува законот за тројното единство. Притоа, ако предметот има морално дејствие, тоа ќе се изрази самото по себе, дури ако писателот се грижи само за ефикасна и уметничка обработка на предметот на драмата.[45] Ако драмскиот писател е продуктивен и има благороден менталитет кој се одразува во драмските дела, тогаш тие можат да ја освојат душата на народот. Затоа, драмскиот писател кој ја познава својата мисија, треба постојано да работи на своето усовршување за да изврши благородно влијание врз народот.[46] Што се однесува до театарскиот глумец, според Гете, за да ја почувствуваме неговата слобода на духот, тој мора потполно да владее со својата улога, а тоа ќе го постигне со проучување и со својата фантазија и темперамент, а мора да поседува и одредена младешка енергија. За таа цел, глумецот треба да учи од сликарите и вајарите, меѓутоа усвојувањето на телесното не е доволно, туку глумецот треба да ги проучува старите и новите писатели и така да го образува својот дух, а тоа ќе му помогне да ја разбере својата улога.[47]

Гете за сликарството

[уреди | уреди извор]

Според Гете, во природата ништо не убаво ако според природните закони не е мотивирано како вистинито. Меѓутоа, за оваа природна вистина да се прикаже вистинито и на сликата, таа мора да биде образложена преку истакнување на влијателните нешта. Иако сликарот мора верно да ја прикаже природата во нејзините детаљи, сепак во високите сфери на уметничката постапка, во кои некоја слика станува вистинска слика, тој има повеќе слобода и може дури да премине кон фикции. Понатаму, низ целата уметност се провлекува користењето на културното наследство, зашто сите големи мајстори го користеле она што било добро кај неговите претходници. Најпосле, уметноста треба да создава за оние органи со чија помош ја сфаќаме; во спортивно, таа не ја исполнува својата задача. Оттука, религиозната содржина може да биде добар предмет во уметноста само ако е општочовечка.[48]

Значење и влијание

[уреди | уреди извор]

Според сведочењето на самиот Гете, Валтер Скот искористил една сцена од неговото дело „Егмонт“ при што Гете се изразил пофално за таа постапка, која ја извел разумено; исто така, ликот на Мињон му послужила на Скот како пример за еден од неговите романи, но прашање е дали со истата мудрост.[49]

Денес, Гете се смета за класик на германската и светската книжевност, а за него писателот Клингер рекол: „Потомството ќе се чуди дека постоел таков човек“. Слично на тоа, Мартини изјавил: „Колку поголемо станува временското растојание, толку повеќе се зголемува свеста за Гетеовата универзалност, за сеопфатниот и не само од боговите подарениот, туку макотрпно здобиениот интегритет на овој живот.“[3] Од друга страна, постојат и критички ставови за творештвото на Гете. Така, Маркс и Енгелс го истакнувале противрчениот карактер на Гетеовите ставови во кој „постојано се борат генијалниот поет, кој чувствувал одвратност кон бедата на својата средина, и плашливиот син на франкфуртскиот патрициј или вајмарскиот таен советник кој согледува дека е принуден да склопи примирје со таа средина и да се навикне на неа. Затоа, Гете е час колосален гениј, час ситничар; час е непокорен, ироничен гениј кој го презира светот, час е внимателен, задоволен со сешто, теснограден филистер.“[50] Во продолжение, според српскиот поет Јован Дучиќ, денес, Гете делува студено и застарено.[51]

Во својот говор одржан во Франкфурт во 1949 година, Томас Ман рекол за Гете дека „... да го поткрене врвот на пирамидата на своето битие колку што е тоа можно – во тоа била целата негова насоченост; на првото и последното место му било важна изградбата на една обемна лична култура, а на одбивањето на секакво вознемирување, на секоја пречка и метеж во својата индивидуалност, чија единственост умеел добро да ја оцени, ја посветувал целата своја животна вештина. На таа одбрана, на тоа непопуштање и инстинктивно чување себеси, на тоа постојано повлекување му припаѓа и она „одрекување“ кое го спроведувал во љубовта...“ Инаку, самиот Ман за романот изјавиле дека е „здодевна, граѓанска творба, но станува збор за пропаѓањето – токму во тоа е она литерарното...“[52] Исто така, додека го пишувал делото „Смрт во Венеција“, Ман секојдневно го читал Гете за да го потврди својот стил во равојната линија на германската епика.[53]

Кусиот расказ „Тврдење“ од збирката „Имитатор на гласови“ на австрискиот писател Томас Бернхард е посветен на последните зборови на Гете.[54]

  1. Паскал Гилевски, Романтизам, Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 31 - 35
  2. Раде Силјан, Странски автори и дела, Матица македонска, Скопје, 2001, стр. 21.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 229.
  4. 4,0 4,1 J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 16.
  5. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 115.
  6. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 115-116.
  7. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 9-10.
  8. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 13.
  9. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 118-116.
  10. Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 229-230.
  11. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 119-116.
  12. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 120-121.
  13. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 239-240.
  14. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 114.
  15. Душан Томовски, „Поговор“, во: Јохан Волфганг Гете, Фауст. Скопје: Култура, Македонска книга, Мисла, Наша книга, 1989, стр. 230.
  16. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Rad, Beograd, 1964, стр. 115-117.
  17. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 3-6.
  18. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 117.
  19. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 117-118.
  20. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 121.
  21. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 118-119.
  22. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 119-120.
  23. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 120.
  24. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 121-122.
  25. Dragoslava Perišić, „Pogovor“, во: Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 122.
  26. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 16.
  27. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 50-51.
  28. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 74.
  29. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 20.
  30. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 13.
  31. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 17.
  32. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 9-10.
  33. 33,0 33,1 J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 29.
  34. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 7.
  35. 35,0 35,1 J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 8.
  36. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 42.
  37. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 15.
  38. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 11-12.
  39. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 47.
  40. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 38.
  41. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 22-25.
  42. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 23.
  43. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 46.
  44. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 71.
  45. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 76-77.
  46. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 79-80.
  47. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 78-79.
  48. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 81-83.
  49. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 4-5.
  50. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 64.
  51. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 294.
  52. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XX-XXI.
  53. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXII.
  54. Томас Бернхард, Имитатор на гласови. Скопје: Темплум, 2008, стр. 52.