Опус (музика)
Опус (француски: numéro, англиски: opus number, италијански: numero, германски: Opuszahl) – збор кој потекнува од латинскиот јазик и значи дело.
Овој поим може да се однесува на книжевност, сликарство, театар, балет, филм, музика и, воопшто, на сите области на уметничкото творештво.
Две значења на опус
Опус може да има два значења[1]:
- 1. Поединeчно дело на некој уметник:
На пример: Бетовеновиот Трет клавирски концерт, це мол, опус 37.
- 2. Целокупно творештво на некој уметник:
На пример: „Целиот уметнички опус на графичарите е многу вреден...", „Неговиот книжевен опус опфаќа комедии, раскази, книжевна и театарска критика."
Во музиката зборот опус исто така има две значења:
- 1. музичко дело (композиција),
- 2. целокупно творештво на еден музичар.
Опис на процесот на нумерација на музичките дела
Композиторите и музиколозите (лицата кои ја проучуваат и пишуваат за музиката) зборот опус (или скратено Оп.)[2] го користат за означување (заради полесен увид) на хронолошки редослед на создавањето на уметничките дела, а понекогаш така се означува и еден период од творештвото на композиторот. Тие со насловот го пишуваат и бројот на опусот. На пример, кога композиторот ја компонира својата прва композиција, ѝ дава наслов и ја означува како „Опус 1" (Оп. 1). Следната композиција би била „Опус 2" (Оп. 2) итн.
Кои се причините за нумерирање на музичките дела
Овој начин на организациско каталогизирање на музички композиции на еден уметник во голема мера помага и го олеснува увидот во креативниот опус на композиторот и брзото и лесно наоѓање на секој музичар или заинтересирана личност за неговата работа или неговото конкретно дело.
Бетовен напишал многу сонати за пијано. Тој ја напишал сонатата во А-дур „Голем опус 26“ кога бил млад. Многу години подоцна, тој напишал друга соната за пијано (исто така во А-дур), но таа (за да биде поинаква) е Опус 101 (видете го последниот музички пример долу десно).
Историски аспект на нумерирање на музичките дела
Ознаката Опус почнала да се користи уште од 17 век, па сè до денешен ден. Познато е дека Лудвиг ван Бетовен бил многу систематично ажурен во тоа.
Други нумерирања на музичките дела
Освен класичната ознака Оп., музиколозите на композициите кои немале ознаки им давале и поинакви нумерации. Прикажани се само некои од најпознатите:
- BWV [3](германски: Bach-Werke-Verzeichnis, англиски: Bach Works Catalogue) се ознаки на композициите на Јохан Себастијан Бах.
- KV или K (Köchel-Verzeichnis)[4] се ознаки за композициите на Волфганг Амадеус Моцарт кои ги подготвил Лудвиг фон Кехел. Познато е дека Моцартовата музика немала броеви на опус. Музикологот Кехел направил хронолошки попис на сите Моцартови дела и им дал К нумерација (К според Kехел). Кехеловата нумерација оди до бројот 622.
- D (Otto Erich Deutsch)[5] се ознаки за композициите на Франц Шуберт кои ги подготвил Ото Ерих Дојч.
- L (François Lesure)[6] се ознаки за композициите на Клод Дебиси кои ги каталогизирал музикологот Франсоа Лезир.
- Делата на Доменико Скарлати може да се појавата под три различни каталошки системи:
- 1. L (Alessandro Longo)[7] биле ознаки за композициите на Доменико Скарлати до 1906 година. Ги подготвил Алесандро Лонго.
- 2. К или Кк (Ralph Kirkpatrick)[8] е нова ознака за композициите на Доменико Скарлати која ја заменила горната каталогизација L во 1953 година од страна на Ралф Керкпатрик.
- 3. P (Giorgio Pestelli)[9] е нова ознака за композициите на Доменико Скарлати создадена од странана Џорџо Пастели во 1967 година.
Наводи
- ↑ „опус“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ Радивој Лазић - Властимир Перичић, Основи теорије музике, Посетено на 17. 4. 2013
- ↑ Bach-Werke-Verzeichnis, каталог на Баховите дела, Пристапено 17. 4. 2013.
- ↑ Köchel-Verzeichnis, ознаки за композициите на В. А. Моцарт, Пристапено 17. 4. 2013.
- ↑ Otto Erich Deutsch, ознаки за композициите на Франц Шуберт, Пристапено 17. 4. 2013.
- ↑ François Lesure, ознаки за композициите на Клод Дебиси, Пристапено 17. 4. 2013.
- ↑ Alessandro Longo, ознаки за композициите на Доменико Скарлати, Пристапено 17. 4. 2013.
- ↑ Ralph Kirkpatrick, нови ознаки за композициите на Доменико Скарлати од 1953, Пристапено 17. 4. 2013.
- ↑ Giorgio Pestelli, создал нови ознаки за композициите на Доменико Скарлати во 1967, Пристапено 17. 4. 2013.