Липа
Липа (науч. Tilia) — род од семејството на слезовите (Malvaceae) со околу 30 вида на дрва автохтони во умерените предели на северната полутопка.
Липа | |
---|---|
Илустрација на ситнолисна липа (Tilia cordata) | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Растенија |
клад: | Скриеносеменици |
клад: | Евдикоти |
клад: | Розиди |
Ред: | Слезовидни |
Семејство: | Слезови |
Потсемејство: | Липи |
Род: | Липа L. |
Видови | |
околу 30 |
Ова се големи листопадни дрва со височина од 20-40 м и дршкести срцевидни листови со пречник од 6-20 см. Точниот број на видови е непознат бидејќи самите лесно се вкрстуваат и во природата и кога се одгледуваат. Сите се двополови (цветовите имаат и машки и женски делови) и се опрашуваат со инсекти.
Во Македонија автохтони се ситнолисната (T. cordata), големолисната (T. platyphyllos) и сребренолисната липа (T. tomentosa).[1]
Опис
уредиЛипата има дебело исправено стебло како столб, а гранките се расчленуваат на повеќе ограноци со мазни дебели гранчиња. Лете има обилно зеленило од големи листови.[2]
Листовите се несиметрични, со облик на срце, а плодот е мал и зрнест, сврзан со жолтозелен прицветник што игра улога на крило. Нови растенија можат да се добијат со пресекување или од семка. Во плодна почва растат бргу, но подложни се на напад од многу разни инсекти. Семката мора да се посади штом ќе падне, во спротивно бргу се суши и оди во состојба на мирување која трае цели 18 месеци.[2]
Примена
уредиЛипата е популарна во дрвореди и поради дебелата сенка што се должи на густината на листовите.[2] Цветовите се мирисливи и лепливи со нектар. Од нив се прави билен чај и течност за инхалација. Во пчеларството липата е позната по светлиот, но богат мед.
Дрвен материјал
уредиЛипиното дрвото е меко и лесно обработливо, со многу малку шари и густина од 560 кг/м3.[3] Во викиншкиот период од липино дрво се изработувале штитови. Ужива популарност во макетарството и за изработка на ситна резба. Во православието се претпочита како дрво за сликање на икони. Во германското копаничарство, липата е главен материјал за изработка на олтари, како оние на познатите мајстори Фајт Штос, Тилман Рименшнајдер и многу други. Поради малата тежина и отсуството на забележителни шари, липата наоѓа особена примена во кукларството.
Дрвото исто така има акустички особини, па затоа од неа се прават електрични гитари и бас гитари, како и дрвени дувачки инструменти.
Како лек
уредиВо народната медицина и треварството, цветот на липата се користи против настинка, кашлица, треска, инфекции, воспалувања, висок крвен притисок, главоболка (особено мигрена), за мочните патишта, помош на мускулатурата на органите за варење и како седатив.[4] Се препорачува за личности кои се многу нервозни, против несоница и немир, немирни деца, ја прочистува крвта и разредува, делува против воспаление на вени, ангина пекторис и инфаркт, делува против изгореници, чиреви и воспаленија. Се употребува во многу рецепти и како дел од козметички препарати:
- за воспаленија на: мочниот меур, белите дробови и душникот, за камења во бубрезите, 10-20 грама суви цветови од липа се преливаат со 1 литар врела зовриена вода, се остава да стои 10 минути и се процедува. Се пие 3 пати на ден по 1 шолја. Ако се пие врел се додава едно лажиче мед и сок од повина лимон. Чајот помага во намалувањето на зголемена температура и за препотување;
- купка за релаксирање и смирување: се ставаат 50 грама липа во 2-3 литри зовриена вода, се остава да стои 15 минути и се тура во када. Купката помага да се отворат порите и организмот да ги исфрли отровите, но исто така со отворањето на порите во организмот навлегуваат корисните материи од липата, во кадата се останува околу 20 минути;
- за прочистување на крвта: се подготвува 250 милилитри зовриено млеко со една супена лажица мед и 250 милилитри вода со 25 грама липа, истовремено на две посебни места зовриваат и млекото и чајот, двата напитоци зовриваат сè додека не стасаат до половина, половина од чајот и половина од млекото, потоа двата напитоци се соединуваат заедно во една шолја, се пие 1-2 шолји во текот на денот, за подобри ефекти се пие подол период. Корисни ефекти на чајот се: прочистување на крвта и крвните садови, а со тоа и зајакнување на имунитетот;
- за слабокрвност и грчеви во желудникот: во 250 милилитри црно вино се ставаат 25 грама суви цветови од липа, едно лажиче мед и се остава да стои 12-16 часа, потоа се процедува и се складира во шише. Се зема по една супена лажица на секои 1-2 часа. Терапијата трае 3-4 месеци;
- за нервни растројства, депресија и подавица: во 250 милилитри црвено вино се ставаат 10 грама липа, 10 грама маточина и 2 супени лажици мед;
- за разубавување: се подготвува појак чај во 2 литри вода со 50 грама суви цветови од липа. Чајот помага за проблеми со брчки, пеги, акни, чувствителна и иритабилна кожа. Со тампонче се нанесува од чајот на чисто лице. Исто така овој чај се користи за миење на косата со што станува мека и се спречува опаѓање на косата.
Културно значење
уредиКај словенските народи
уредиВо словенската митологија, липата се сметала за свето дрво[5] и денес претставува национално обележје на Словачка, Словенија, Чешка и Лужичките Срби. Во некои словенски јазици по неа е наречен месецот јуни (хрватски: lipanj) или јули (полски: lipiec, украински: липень).
Поимот стои и во името на германскиот град Лајпциг, кое потекнува од лужичкото lipsk. Во Македонија дрвото е присутно во топонимите како Липа (село) и Липа (Церово), Липково, Липковка. Во Русија такво име има градот Липецк, а со тоа, и Липецката област.
Кај германските народи
уредиЛипата е свето дрво и кај германските народи, присутна во верувањата поврзани со германската митологија. Околу липата се одржувале свечености и веселби, но и се свикувале старешини кога требало да се дели правда. Овој обичај на судење под липа опстоил сè до времето на просветителството.
Класификација
уредиРодот ги има следниве општоприфатени видови, сорти и хибриди.
Видови
уреди- Tilia americana L. — американска липа
- Tilia amurensis — амурска липа
- Tilia argentea — сребрена липа
- Tilia caroliniana — каролинска липа
- Tilia chinensis — кинеска липа
- Tilia chingiana Hu & W.C.Cheng — краткозрачна липа
- Tilia cordata Mill. — ситнолисна липа
- Tilia dasystyla Steven — кавкаска липа
- Tilia henryana Szyszyl. — Хенриева липа
- Tilia heterophylla Vent. — разнолисна липа
- Tilia hupehensis — хубејска липа
- Tilia insularis — островска липа
- Tilia intonsa
- Tilia japonica — јапонска липа
- †Tilia johnsoni Wolfe & Wehr еоцен; Вашингтон и Британска Колумбија
- Tilia kiusiana
- Tilia mandshurica — манџурска липа
- Tilia maximowicziana — Максимовичева липа
- Tilia mexicana (T. americana var. mexicana) — мексиканска липа
- Tilia miqueliana — Микелова липа
- Tilia mongolica Maxim. — монголска липа
- Tilia nasczokinii — Нашчокинова липа
- Tilia nobilis — благородна липа
- Tilia occidentalis — западна липа
- Tilia oliveri — Оливерова липа
- Tilia paucicostata
- Tilia platyphyllos Scop. — големолисна липа
- Tilia rubra — црвена липа (syn. T. platyphyllos var. rubra)
- Tilia tomentosa Moench — сребренолисна липа
- Tilia tuan — туанска липа
Хибриди и сорти
уреди- Tilia × euchlora (T. dasystyla × T. cordata)
- Tilia × europaea — обична липа (T. cordata × T. platyphyllos; syn. T. × vulgaris)
- Tilia × petiolaris — дршкеста липа (T. tomentosa × T. ?)
- Tilia 'Flavescens' — гленлевенска липа (T. americana × T. cordata)
- Tilia 'Moltkei' (хибрид, непознато потекло)
- Tilia 'Orbicularis' (хибрид, непознато потекло)
- Tilia 'Spectabilis' (хибрид, непознато потекло)
Липата како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Липа и есен“ — песна за деца на хрватскиот поет Григор Витез.[6]
- „Липи“ — песна на македонската поетеса Јованка Денкова.[7]
- „Липов чај“ — збирка поезија за деца на македонскиот писател Тоде Илиевски од 2009 година.[8]
- „Алеја на липи“ — песна на рускиот писател Борис Пастернак од 1957 година.[9]
- „Мирисот на липите“ — расказ од македонската писателка Жанета Станоевска, од 2011 година.[10]
Галерија на видови
уреди-
Ситнолисна липа
(T. cordata) -
Крупнолисна липа
(T. platyphyllos) -
Сребренолисна липа
(T. tomentosa) -
Американска липа
(T. americana) -
Монголска липа
(T. mongolica) -
Хибридната обична липа
(Tilia × europaea) -
Стебло на стара липа во Франкенбраун во близина на Баварија
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 800. ISBN 978-608-203-023-4.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Keeler, Harriet L. (1900). Our Native Trees and How to Identify Them. New York: Charles Scriber's Sons. стр. 24–31.
- ↑ Липино дртво Архивирано на 21 мај 2011 г. — Niche Timbers (англиски)
- ↑ Coleta, M., Campos, M. G., Cotrim, M. D., et al. (2001). Comparative evaluation of Melissa officinalis L., Tilia europaea L., Passiflora edulis Sims. and Hypericum perforatum L. in the elevated plus maze anxiety test. Pharmacopsychiatry 34 (suppl 1): S20–1
- ↑ Archaeology and Language: Language change and cultural transformation Roger Blench, Matthew Spriggs, стр. 199
- ↑ Григор Витез, Песни. Мисла, Македонска книга, Култура, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1990, стр. 77.
- ↑ Јованка Денкова, Исповед на бршленот. Штип: Јованка Денкова, 2024, стр. 60.
- ↑ „Нова Македонија“ број 21903, сабота 6.2.2010.
- ↑ Борис Леонидович Пастернак, Изабране песме. Нови Сад: Orpheus, 2011, стр. 251-252.
- ↑ Жанета Станоевска, Луѓе, птици и сеништа: Збирка раскази, Темплум, Скопје, 2011.
Надворешни врски
уреди„Липа“ на Ризницата ? |
- Липа на Викивидовите ?
- „Липа“ — Енциклопедија на живиот свет
- Липа - природен спокој за секого Архивирано на 17 август 2013 г. — портал „Доктори“
- Лековитоста на чајот од липа Архивирано на 24 август 2014 г. — портал „Канцер“
- Липата во пчеларството — портал „Пчелар“